Лани потрошени 7,6 милијарди денари за заштита на животната средина, најмногу средства за управување со отпадни води
– Вредноста на трошоците за заштита на животната средина направена во 2019 година изнесуваат 7.579.784 илјади денари, објави Државниот завод за статистика, а најголеми се трошоците за управување со отпадни води на кои отпаѓаат 31,48 отсто.
Во вкупните трошоци за заштита на животната средина трошоците за постапување со отпад учествуваат со 25,06 отсто и на трошоците за циркулациски системи за снабдување со вода 23 отсто.
Трошоците за заштита на животната средина се состојат од две компоненти: инвестиции во средства за заштита на животната средина и трошоци за одржување на средствата за заштита на животната средина. Учеството на инвестициите во вкупните трошоци за заштита на животната средина изнесува 58,07 отсто, а учеството на трошоците за одржување во вкупните трошоци за заштита на животната средина изнесува 41,93 отсто.
Од вкупните трошоци за заштита на животната средина, најмногу трошоци се направени во индустријата и специјализираните производители во износ од 4.577.086 илјади денари, односно 60,39 отсто.
Од направените трошоци за заштита на животната средина во индустријата и специјализираните производители, 61,28 отсто се наменети за инвестиции, а 38,72 отсто се за одржување на средствата.
Од вкупните плаќања и надоместоци за извршени услуги за заштита на животната средина, најголемо е учеството на платените надоместоци за постапување со отпад, 80,30 отсто.