Маричиќ – Бенгтсон: Почетокот на преговорите ќе ја интензивираат европеизацијата на Северна Македонија
– Почетокот на преговорите и отворањето на Поглавјето 23 ќе бидат вистински трансформативен процес и ќе ја интензивираат европеизацијата на државата, истакна министерот за правда Бојан Маричиќ денеска на средба со амбасадорката на Кралството Шведска во Република Северна Македонија, Кристин Форшгрен Бенгтсон и нејзината заменичка Јохан Хенриксон.
На средбата, како што соопшти Министерството за правда, се дискутираше за реформските приоритети на Министерството за правда и Стратегијата за реформи на правосудниот сектор, имајќи предвид дека наскоро се очекува почеток на преговорите и отворање на Поглавје 23 – Правосудство и темелни права.
Министерот Маричиќ се заблагодари на поддршката на Кралството Шведска во процесот на евроинтеграции на Република Северна Македонија и истакна дека пред себе има амбициозна агенда во поглед на отворањето на Поглавјето 23, но дека вистинскиот предизвик сепак претставува спроведувањето на законите.
Маричиќ потенцираше дека главен приоритет на Министерството за правда е поддржување на независноста на правосудните органи, но и градење на систем на владеењето на правото со високи европски стандарди и почитување на човековите права.