Мијиќ: Со новата концепција се добива континуитет во изучување на природните науки во цела деветолетка
Според новата концепција за основно образование, наставниот предмет природни науки ќе се изучува во сите девет одделенија – од прво заклучно со петто одделение ќе биде застапен со два часа неделно, во шесто одделение ќе се изучува со три часа неделно, а во третиот период, од седмо до деветто одделение, по пет часа неделно.
– Новина за предметот природни науки е тоа што од седмо до деветто одделение наставните предмети биологија, хемија и физика се интегрираат во нов наставен предмет природни науки, како подделни модули во рамките на самиот наставен предмет. Тоа значи дека, во суштина научните дисциплини биологија, хемија и физика и понатаму остануваат да се изучуваат како досега, во однос на обемот, само што се преструктурирани во наставниот план. Овие три модули, модул биологија, модул хемија и модул физика, од еден аспект како модули се независни. На пример, во модулот биологија ќе се изучуваат исклучиво наставни теми и наставни содржини коишто се од научната област биологија. Соодветно и во другите два модула, рече Иванка Мијиќ, советник во Бирото за развој на образование во гостување на Македонската радио-телевизија, објаснувајќи го начинот на кој ќе се обединат модулите во интегрираниот предмет природни науки.
Посочи дека со новата концепција ќе има континуитет во изучувањето на природните науки, затоа што сега од прво до шесто одделение постои наставен предмет природни науки, во седмо одделение, рече, постои прекин во изучувањето на научните дисциплини хемија и физика и со новата концепција тој ќе се надмине.
– Согласно новата концепција, од научните дисциплини хемија и физика, она што се изучува во осмо одделение, во иднина ќе биде распределено во две одделенија, во седмо и во осмо одделение, така што на учениците ќе им се обезбеди континуитет во учењето, што е навистина чекор напред, рече Мијиќ.
Додаде дека сите модули во предметот природни науки во текот на учебната година одделно ќе се реализираат и континуирано, од почетокот до крајот на учебната година. Секој од овие модули ќе го предава компетентен наставник.
-Тоа значи ако наставникот е универзитетски профилиран и е наставник по билогија, ќе го предава исклучиво модулот биологија. Наставниците по хемија ќе го предаваат модулот по хемија, наставниците по физика модулот по физика. Наставниците што имаат завршени двопредметни студии, на пример и биологија и хемија, може да ги предаваат и двата модула, посочи советничката во Бирото за развој на образованието.