МИА во еден од центрите за вакцинација во Атина, Грција се подготвува за „операцијата Слобода“ (фото + видео)

Во финална фаза се подготовките во Грција за „операцијата Слобода“, односно почетокот на процесот на вакцинирање кој започнува во недела на 27 декември , ден откако во земјата ќе пристигне првата пратка од 9.750 дози.

Вкупно 1.018 центри за вакцинација ќе бидат отворени во целата земја, а еден од ваквите центри посети дописничката на МИА од Атина, непосредно пред почетокот на вакцинацијата.

Во објектот што го посети МИА има три центри за вакцинација, чекална и соба за кратка хоспитализација во случај да се појави реакција кај лицето кое ќе се вакцинира.

Во Здравствениот центар „Илион“ во западниот дел на областа Атика, поширокиот дел на Атина, медицинските лица се подготвени за да ги примат граѓаните, обезбедени се и информативни флаери, а самиот процес на вакцинација, како што објаснуваат надлежните, нема да трае повеќе од 15 минути и ќе биде во присуство на доктор, медицинска сестра и здравствен посетител.

Конкретните центри ќе работат во две смени од 7 до 14 и од 14 до 21 часот, а одговорниот во здравствениот центар „Илион“ , докторот Милтиадис Карабелас во разговор со дописничката на МИА од Атина вели дека дневно ќе може да се вакцинираат околу 160-170 лица и го објаснува целиот процес.

-Секој од трите центри за вакцинација во Здравствениот центар „Илион“ ќе работи со еден доктор, една медицинска сестра и здравствен посетител кој ќе ја врши вакцинацијата. Докторот ќе ги регистрира евентуалните претходни здравствени проблеми на лицето кое ќе се вакцинира. Ќе прашуваме дали постојат некакви претходни проблеми по вакцинација и потоа ќе следи вакцинацијата. Откако ќе заврши процесот што ќе трае околу 10-15 минути и ќе ја прими вакцината, ќе следат уште 15 минути во чекална, за да видиме да не се појави некаква реакција. Потоа е слободен да си оди, објаснува доктор Карабелас.

Тој истакнува дека е особено важно да се вакцинира целото население и додава дека целиот медицински персонал во конкретниот здравствен дом е регистриран за да ја прими вакцината.

Вакцините, во болниците и центрите за вакцинација ќе се пренесуваат од магацините во кои се наоѓаат фрижидерите за длабоко замрзнување, а како што објави МИА во понеделникот, постојат пет простори за складирање на тајна локација што не се открива и која ќе биде под 24-часовен надзор и обезбедување.

Вакцинација во три фази, закажување термин преку специјална платформа

Со пристигнувањето на вакцините ќе започне и „операцијата Слобода“, односно процесот на вакцинација на населението.

Министерството за дигитална политика на Грција веќе подготви специјална платформа за закажување термин за вакцинирање, која ќе биде отворена во јануари, а граѓаните откако ќе регистрираат преку платформа и ќе ги пополнат потребните податоци ќе добија порака со специјален QR код и термин за вакцинација.

Закажувањето ќе може да се врши и преку аптеките.

Согласно планот на грчката Влада објавен вчера процесот на вакцинација ќе биде во три фази.

Во првата фаза од 27 декември 2020 година кога ќе има ограничен број дози и ќе се вакцинираат здравствените работници, персоналот и згрижените во домовите за стари лица и оние кои се хронично болни, како и државни функционери.

Во втората фаза во февруари 2021 година кога ќе биде достапен голем број вакцини, ќе се вакцинираат лицата над 70 годишна возраст, независно дали имаат здравствени проблеми, почнувајќи од оние што се над 85 години. Ќе следат и лица од 60 до 69 години, но и помладите со здравствени проблеми и под ризик од Ковид-19.

Последната фаза ги опфаќа сите граѓани над 18 години и е предвидена е за јуни следната година.

Генералниот секретар од Министерството за здравство на Грција Мариос Темистоклеус во понеделникот соопшти дека во сабота ќе пристигнат 9.750 дози, а првата голема пратка на Фајзер – 83.850 дози Грција ќе ја добие до 30 декември.

До крајот на јануари ќе бидат доставени 429.000 дози и 333.450 дози до крајот на февруари.

-До крајот на март, ќе имаме добиено, само од една компанија, од Фајзер/БионТек 1.265.550 дози. На овие дози, во јануари, се очекува да се додадат, откако ќе бидат одобрени и вакцините од Модерна и АстраЗенека, објасни генералниот секретар во Министерството за здравство на Грција.

Од дозите на вакцината што ќе ги обезбеди Европската унија, на Грција и следуваат од 2,36 до 2,39 отсто.

Медицинска сестра, повозрасен граѓанин, но и Мицотакис први ќе ја примат вакцината во Грција

Првите вакцинирања ќе бидат во пет болниците во областа Атика, поширокиот регион на Атина, а на 28 декември, вакцината ќе биде доставена во болниците во Лариса, Јанина, Патра и Солун за ден подоцна, да започне вакцинацијата на медицинскиот персонал и во овие болници.

Минатата седмица грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на почетокот од работниот состанок за националниот план за вакцинација откри дека први ќе се вакцинираат една медицинска сестра и еден повозрасен граѓанин, но и дека лично тој ќе ја прими вакцината на првиот ден.

-Најважно е да ги убедиме нашите сограѓани дека треба да се вакцинираат. Дека вакцината е безбедна и ефикасна, од моментот кога е одобрена од сите надлежни тела, кои се одговорни за лиценцирање на вакви производи. А секако личната симболика на секој од нас, има свое посебно значење. Јас лично, како што се обврзав, ќе се вакцинирам првиот ден кога вакцината ќе биде достапна во Грција, ако сè биде во ред, на 27 месецов, рече Мицотакис во понеделникот.

Веројатно е, иако не е официјално потврдено, првиот ден, да се вакцинира и претседателката на Грција Катерина Сакеларопулу.

Она што е официјално потврдено е дека во периодот од 27 декември до 10 јануари 2021 година, меѓу 70-те илјади граѓани кои ќе се вакцинираат се и 45 државни функционери.

Освен претседателката и премиерот, вакцината до 10 јануари ќе ја примат и претседателот на Парламентот, шефот на грчката дипломатија и неговите заменици, министрите и замениците во Министерствата за цивилна заштита, за одбрана, за здравство, за дигитална политика, претседателот на Националната организација за јавно здравје, како и началниците (и нивните заменици) на Генералштабот на армијата, на полицијата, на противпожарната служба, на крајбрежната служба и на агенцијата за разузнавање.

Паралелно, и лидерите на опозициските партии најавија дека ќе ја примат вакцината во првите денови, додека пак нема да изостане ниту претставник на Грчката православна црква.

Поглаварот на ГПЦ архиепископот Јеронимос завчера изјави дека иако тој лично сака да биде меѓу првите кои ќе ја примат вакцината, лекарите не му дозволуваат, со оглед на тоа дека веќе беше заразен со Ковид-19 и хоспитализиран, но истакна дека некој од митрополитите ќе се вакцинира на 27 декември кога и официјално ќе започне вакцинацијата во Грција.

Во однос на здравствените работници, според заменик-министерот за здравство на Грција Василис Кондозаманис, во процесот на регистрација што е во тек пријавени се над 70 отсто од лекарите.

Back to top button
Close