Мицкоски најави уште десетици нови случаи како „Адитив“

Во периодот што следува, од информациите со кои располагам, ќе има десетици вакви случаи, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски коментирајќи ја последната акцијата на МВР и Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција под името „Адитив“.

На овој начин премиерот Мицкоски најави нови истраги за случаи на сторен криминал и корупција, кои ќе ѝ бидат соопштени на јавноста откако ќе бидат обезбедени докази од МВР и од, како што рече, срамежливото обвинителство.

„Па, ќе продолжи, да. Гледате дека се држиме до тоа што сме го кажале. Кога ќе се обезбедат докази и основано сомневање за сторен криминал Министерството за внатрешни работи заедно со срамежливото обвинителство влегуваат во акција. Таа акција (Адитив н.з) беше спроведена пред неколку дена, 23 лица се осомничени и два правни субјекта. Во периодот што следи десетици случаи се работат. На македонските граѓани ќе им стане многу јасно што се случувало изминативе години“ изјави премиерот Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање при неговата посета на поставувањето камен-темелник за изградба на фабрика за електронски батерии за автомобили на белгиската компанија „Авеста батери енд енерџи инженеринг“ (Avesta Battery and Energy Engineering) во ТИРЗ Кичево.

Од акциите, рече премиерот, нема да се прави естрада и јавноста за нив ќе биде информирана преку соопштенија, а потоа, како што додаде, очекува во транспарентни судски процеси да се докажува вината или невиноста на осомничените.

„Така што нема да се случува како што беше во минатото, на полноќ или наутро да влегуваат специјалните единици вооружени до заби во домовите на лицата коишто се осомничени и сето тоа камера да го снима и сл. Да правиме страда од сето тоа, нема да биде, ќе биде вака преку соопштенија, а потоа преку еден фер и транспарентен судски процес очекувам секој да ја докажува својата вина или невиност во целиот случај“ изјави Мицкоски.

Во акцијата под кодното име „Адитив“, која беше реализирана во вторникот, осомничени се вкупно 23 лица, од кои дел се поранешни директори на државната компанија „Електрани на Северна Македонија“ (ЕСМ), РЕК „Битола“ и РЕК „Осломеј“.

Back to top button
Close