Мицотакис: Вакцината за Ковид-19 ќе биде бесплатна за сите грчки граѓани

– Сакам да бидам апсолутно јасен, вакцината за Ковид-19 ќе биде бесплатно достапна за сите грчки граѓани, рече премиерот на Грција Кирјакос Мицотакис на денешниот редовен состанок за коронавирусот, додавајќи дека иако сè уште не е познато кога ќе биде на располагање вакцината, сепак ќе биде бесплатна и ќе постои редослед за вакцинирањето, јави дописничката на МИА од Атина.

-Кога и да ја имаме вакцината на располагање, бесплатно ќе биде достапна за сите грчки граѓани. Она што ќе го стори државата, бидејќи очигледно нема од првиот ден да имаме достапни дози за целото население, ќе биде, со апсолутна јасност, да се одреди редоследот според кој ќе треба да се вакцинираат нашите сограѓани, почнувајќи од здравствените работници и високоризичните групи. Но, вакцината ќе биде бесплатна за сите, рече Мицотакис.

Во однос на новата учебна година, грчкиот премиер рече дека во сите земји во светот се отвораат училиштата, а тоа е и „едногласната препорака на научната комисија со која се согласува и грчката Влада“.

Додаде дека маската ќе биде задолжителна за сите ученици, а Владата ќе се погрижи маските да бидат бесплатни како за учениците, така и за просветните работници. ср/сд/

Back to top button
Close