Милевски: Пописот не е политика, туку потреба за добивање реални податоци за да може да се носат одговорни одлуки

– Министерот за локална самоуправа Горан Милевски смета дека нема простор за одложување на пописот и оти сите треба да покажат максимална посветеност и одговорност оваа статистичка операција да се спроведе согласно стандардите на Еуростат, затоа што, како што вели, само така податоците ќе ни бидат од корист.

-И покрај обидите за политизација на пописот уште пред да започне, секој добронамерник и одговорен граѓанин на оваа држава има обврска да го почитува законот и да овозможи пописот да се спроведе на најдобар можен начин, рече Милески на вчерашната средба што се одржа со градоначалниците во Собранието организирана од страна на Државен завод за статистика, наменета за Пописот на населението, домаќинствата и становите, 2021.

Според него согласно Законот, на единиците на локалната самоуправа им е дадена голема одговорност: обезбедување на простории за работа на комисиите на пописните реони, предлагање на членовите на пописните комисиите, а претседатели на комисиите ќе бидат секретарите на општините каде што е седиштето на пописниот реон.

– Пред сите нас е огромна одговорност, затоа што како носители на високи јавни функции сме исклучително свесни што значи за една држава да нема спроведено попис 19 години. Да обезбедиме пристап до јавните услуги-здравство, образование, социјална заштита, за сите граѓани, да го планираме развојот и изградбата на комуналната и на социјалната инфраструктура согласно потребите, патишта, водоводи, училишта, детски градинки. Да создадеме услови бизнис заедницата да може да ги донесува одлуките врз основа на реални податоци за расположливите ресурси, порача Милевски.

Тој, како што соопшти денеска Министерството за локална самоуправа,  појасни дека во текот на минатата година Министерството за локална самоуправа ја подготвувало Стратегијата за регионален развој, која сега е во собраниска процедура, а во подготовката на документот биле вклучени експерти од сите клучни области, сите министерства кои што спроведуваат развојни програми, сите градоначалници како членови на Советите на планските региони, Центрите за развој и други надлежни институции. Биле направени темелни секторски анализи за мапирање на состојбите и за изведување на проекции за наредните 10 години. Главен и единствен проблем била релевантноста на статистичките податоци, кои се стари речиси 20 години. Според него за овој документ немало време да се чека пописот, а и тоа би значело неколку годишно стагнирање на развојот на планските региони и на општините, а новата Стратегија е услов за подготовка на регионални развојни Програми и проекти од планските региони и од општините кои што се финансиираат со средства од Буџетот.

Back to top button
Close