Минималната плата ќе биде 18.000 денари, ценовни шокови нема да има

Доколку податоците од Државниот завод за статистика покажат дека има зголемување на цените на другите производи, ние ќе ја прошириме листата на замрзнати цени, рече министерот за економија Крешник Бектеши, во вечерашното гостување на Телма телевизија. Тој соопшти дека одлуката за замрзнување на цените којашто беше донесена на последната седница на Владата веќе е објавена во Службен весник и стапила во сила. Од утре, инспекторите на Државниот пазарен инспекторат ќе почнат да прават контроли за цените во маркетите.

Министерот додаде дека во исто време расте и минималната плата, која од 9.000 денари во 2017 година, сега е над 15.000 денари.

-Минималната плата ќе се зголеми на 18.000 денари, после Нова година. Платите не стојат. Во 2016 година просечната беше 22.000-23.000 денари, а сега е 28.820 денари и ќе се зголемува во континуитет. Зголемување на платите имаме и во образованието, здравството, приватниот сектор. Само мининалната плата е зголемена за 100 отсто за четири години, колку што не е направено со години наназад – рече Бектеши.

Во однос на цената на струјата, министерот Бектеши појасни дека не се очекуваат ценовни шокови. Тој напомена дека ДДВ на струја нема да се зголеми, а во функција се ставени сите капацитети за производство на електрична енергија во земјата.

-РЕК Битола работи со два блока, ТЕЦ Осломеј е ставен целосно во функција, се подобруваат акомулациите, за десетина дена ќе биде во функција ТЕЦ Неготино, денеска е веќе набавен мазут, засилено се градат фотонапонски централи и од страна на државата и од страна на приватни инвеститори – додаде министерот Бектеши.

Back to top button
Close