Мишел Обама остро го нападна Трамп

Американските Демократи ја почнаа конвенцијата за номинација на кандидат за претседател со остри напади против актуелниот шеф на државата Доналд Трамп. Главна говорничка беше Мишел Обама.

    

„Ние, народот“ – гласеше мотото на двочасовната онлајн-програма на Демократите со која ја почнаа неколкудневната национална конвенција. Главна говорничка на првиот ден беше поранешната прва дама на САД, Мишел Обама. Таа во емоционалниот говор побара поддршка за кандидатот Џо Бајден и остро го нападна актуелниот претседател на државата, Доналд Трамп. „Доналд Трамп е погрешен претседател за нашата земја“, рече сопругата на поранешниот претседател на САД, Барак Обама. Трамп имаше повеќе од доволно време да докаже дека е дораснат на задачата, но е „сосема јасно префорсиран“, рече Мишел Обама.

„Кога си претседател, тоа не го менува она што си, туку го потенцира она што си“, оцени таа. Според Обама, во мандатот на Трамп владееле „хаос, поделби и тотален и целосен недостиг од емпатија“ во Белата куќа. „Ако верувате дека работите во никој случај не може да бидат уште полоши, верувајте ми дека можат. И такви и ќе станат ако на овие избори не промениме ништо“, рече Мишел Обама.

Бајден, кој во мандатот на Барак Обама беше потпретседател на САД, од Мишел Обама беше наречен „фантастичен Потпретседател“: „Тој знае што е потребно за спас на економијата, за сузбивање на пандемијата и за водење на нашата земја.“

Пред Обама, на конвенцијата зборуваа низа познати политичари, меѓу кои и гувернерот на Њујорк, Ендру Куомо и сенаторот Берни Сандерс. Освен тоа, во видеата збор имаа и многу граѓани, како братот на Афроамериканецот Џорџ Флојд, кој го загуби животот во брутална полициска акција. Тој повика на минута молчење за Џорџ и многумина други, кои го загубиле животот како последица на омраза и неправда.

Покрај расизмот, тема беше и пандемијата на коронавирусот. Во едно од видеата, девојка, чиј татко починал од Ковид-19, остро го критикуваше претседателот Трамп за неговиот однос кон пандемијата. „Единствената болест“ која татко и’ ја имал пред да се разболи од Ковид-19 била „што му веруваше на Доналд Трамп и за тоа плати со својот живот“, рече таа.

USA I Parteitag der Demokraten (Getty Images/DNCC)Низ првиот ден од конвенцијата на Демократите водеше актерката Ева Лонгорија

На конвенцијата која во голем дел ќе се одвива виртуелно, Бајден денеска треба да биде номиниран и официјално за претседателски кандидат, а тој својот говор треба да го одржи в четврток. Според анкетите, Бајден во моментов води пред Трамп, но со оглед на тоа што до изборите има повеќе од два месеца, тоа може да се промени. Мишел Обама од Демократите побара острина во предизборието. Претставниците на партијата не смеат на „лошотилакот“ и „суровоста“ на политичкиот противник да одговараат „љубезно“ и со „насмевка“, смета таа.

Актуелниот претседател Доналд Трамп ги обвини Џо Бајден и Камала Харис дека сакаат да водат „луда социјалистичка“ политика. „Ова се најопасните избори што некогаш сме ги имале“, рече тој во говор пред своите приврзаници во Ошкош, во сојузната држава Висконсин. Според Трамп, тој на изборите може да загуби само во случај на изборна измама. „Осигурајте се дека вашиот глас е избројан. Осигурајте се, зашто единствениот начин да ги загубиме изборите е само ако тие се манипулирани. Мислете на тоа. Тоа е единствен начин да ги загубиме изборите“, порача Трамп.

извор: Дв

Back to top button
Close