Молитва за Тоше утре во Загреб

Хрватската дискографска куќа „Хит рекордс“ утре (недела, 24 јануари) во Загреб организира молитва за одбележување на роденденот на Тоше Проески. Молитвата за Тоше ќе се одржи во капелата на Роков перивој, откако ќе заврши неделната миса.

„Оваа година, ден пред неговиот 40-ти роденден, во недела, на 24 јануари, по Светата миса во капелата кај Паркот на Рокот во Загреб, која започнува во 10:00 часот, ќе се присетиме на непреболениот пејач со молитва.

Сеќавањето на човекот, кој остави неизбришлива трага со своите дела, човечки и музички, меѓу обожавателите и пријателите низ целиот регион и пошироко, не згаснува ниту денес. Никогаш не прежалениот Тоше Проески ќе го прославеше својот 40-ти роденден во понеделник, на 25 јануари.

Тој нè напушти премногу рано на 26-годишна возраст, но остави зад себе исклучително богата ризница во која, кога ќе ѕирнеме денес, сфаќаме колку бил талентиран.

Голем човек и хуманист, тоа е само мал дел од сè што бил Тоше во текот на неговиот живот, и нема човек во регионот што нема пофални зборови за него.

Освојуваше со убава насмевка и несомнен глас, но пред сè беше украсен со скромност. Дека љубовта е она што треба да ги придвижува луѓето, секогаш потенцираше како најважна работа.

Неговите зборови „Не сакам да ми симнувате капа, само сакам да се гордеете со мене“ и денес живеат во сите што го познаваа, но и во оние кои ја немаа таа можност. Иако времето застана за неговите обожаватели во 2007 година, Тоше Проески сè уште живее во срцата на сите нас.

Оваа година, ден пред неговиот 40-ти роденден, во недела на 24 јануари, по Светата миса во капелата кај Паркот на Рокот во Загреб, која започнува во 10:00 часот, со молитва ќе се присетиме на единствениот, уникатен и непреболен Тоша Проески“, стои во објавата на Хит рекордс.

Back to top button
Close