Наместо изградба на карго-аеродром во Штип, 49,7 милиони евра ќе се пренаменат за училишта и градинки

Со измени на Законот за јавно-приватно партнерство, се создадени услови 49,7 милиони евра што турски ТАВ требаше да ги вложи во изградба на карго-аеродром во Штип да се пренаменат за проекти од јавен интерес на државата.

Министерот за економија Крешник Бектеши по денешната средба со извршниот директор на „ТАВ Македонија“, Алер Ерсој, најави дека законските измени овозможуваат да се склучи анекс на Договорот за концесија со ТАВ, со што од почетокот на следната година би можеле да се користат пренаменетите средства. Тие ќе се трошат за изградба на водоводна и канализациска мрежа, градинки, училишта, општински згради. Општините веќе ги доставуваат проектите, Владата ќе подготви листа и откако ќе бидат одобрени од Министерството за транспорт и врски ќе може да се добијат пари од пренаменетета сума.

„Анализите покажуваат дека изградбата на карго-аеродромот во Штип не е економски оправдана и сакаме тие средства да ги пренамениме за проекти од јавен интерес за подобрување на животот на сите граѓани како што се училишта, градинки, водоводи, канализации и реконструкција на општински згради се со цел да се олесни пристапот до услуги за граѓаните. Се работи за сума од 49,7 милиони евра“,изјави Бектеши.

Владата има список на проекти кои се приоритетни за реализација, а се доставени од општините. Кога ќе се потпише анекс-договорот, ќе бидат објавени и проектите што ќе се реализираат и динамиката за нивна реализација.

Ерсој истакна дека се согласува со одлуката на Владата средствата да се алоцираат за проекти од корист на граѓаните.

„Дискутиравме со министерот за правните аспекти околу релокација на средствата што беа наменети за изградба на карго-аеродромот во Штип. Претходно имавме состаноци и со други претставници на Владата и се надеваме дека наскоро ќе најдеме правна рамка за пренамена на овие средства во други проекти што ќе бидат од интерес на македонската јавност“,изјави Ерсој.

Back to top button
Close