Напаѓачот кај поранешното седиште на Шарли Ебдо изведен пред истражен судија

 

Осомничениот за нападот со мачета во петокот во близина на поранешните канцеларии на магазинот „Шарли Ебдо“ во Париз денеска е изведен пред истражен судија под сомнение за обид за убиство поврзано со терористички план, изјави висок обвинител.

Пакистанскиот државјанин призна дека е роден во 1995 година, а не во 2002 година, како што тврдел кога се пријавил како малолетник без придружба по пристигнувањето во Франција во 2018 година, изјави денеска на прес-конференција националниот обвинител за антитероризам Жан Франсоа Рикар.

Осомничениот им рекол на истражителите дека гледал видеа од Пакистан за карикатурите на пророкот Мухамед објавени во Шарли Ебдо во 2006 година и повторно оваа година, рече Рикар.

Списанието овој месец повторно ги објави карикатурите за да го одбележи судењето на осомничените обвинети за помагање на двајца вооружени лица кои убија 11 луѓе во нападот врз канцелариите на весникот во 2015 година како „одмазда“ за карикатурите.

Осомничениот им рекол на истражителите дека бил лут и решил да го истури бесот врз Шарли Ебдо, но не знаел дека списанието ги преселило канцелариите по нападот во 2015 година.

Рикар рече дека според неговите изјави, првично планирал насилно да влезе во канцелариите на списанието и да ги запали.

Но, кога наишол на две лица кои пушат покрај мурал на жртвите од нападот во 2015 година, тој помисли дека тие се вработени во „Шарли Ебдо“ и ги нападнал.

Двете жртви претрпеа сериозни повреди, информира Рикар. Еден од нив е хоспитализиран во сериозна состојба со скршен череп и се очекува да биде неспособен за работа најмалку три месеци

Back to top button
Close