Нуредини: Направена е апликацијата која треба да биде доставена за акредитација на централната лабораторија на МЖСПП
Направена е апликацијата која централната лабораторија на Министерството за животна средина и просторно планирање треба да ја достави до Институтот за акредитација за проверка на способноста за исполнување на пропишаните стандарди и таа да се стекне со сертификат за акредитирана лабораторија.
Ова денеска го истакна министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нурeдини, одговарајќи на новинарско прашање по прес-конференцијата за сработеното во изминатите сто дена.
– Се надеваме дека централната лабораторијата Министерството за животна средина и просторно планирање ќе се акредитира. Ние сме во исклучително вонредна состојба поради пандемијата. Голем број од работниците се изолирани и болни и имаме доцнење во процесите. Институтот за акредитација ќе ја акредитира централната лабораторијата на Министерството и ние сме во соработка со нив, додаде Нуредини.
Во врска со тоа каде го депонираат сметот општините од полошкиот регион со оглед на блокадата на депонијата Русино, рече дека регионалниот план за Полог е таа депонијата да се развива, да се рехабилитира.
– Целиот полошки регион треба да го депонира отпадот во Русино и ние се договоривме и со локалните институции и со иницијативата. Дадовме наредба како Министерство да започнеме работи со рехабилитација и развој на депонијата Русино и веруваме дека работите ќе почнат оваа недела, рече Нуредини и додаде дека депонијата ќе се развива во наредните пет години додека да најдат друго решение за неа.