ОЈО Велес отвори истрага за убиство: Жител на Богомила до смрт претепал 60-годишник
Основното јавно обвинителство Велес отвори истражна постапка против 21-годишен жител на Богомила осомничен за убиство.
Како што информираат од Јавното обвинителство, тој се товари дека убиството го сторил со умисла, а жртва е 60-годишен маж, кој починал од повредите што му ги нанел осомничениот.
Имено, на 22 јануари, оштетениот отишол до куќата на 21-годишникот за да ги повика својата сопруга, ќерката и помалиот син кои биле кај него да се вратат дома. На ова, осомничениот излегол надвор и без причина почнал да го удира 60-годишникот со тупаници во градите.
„Ќерката на оштетениот ги раздвоила, но од повредите тој починал“,стои во соопштението од Обвинителството.
Во соопштението не се наведува во каква врска биле осомничениот и семејството на неговата жртва.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка доставил предлог за определување мерки за претпазливост за осомниченото лице.