Обилните снежни врнежи заробија локални туристи во Пакистан, загинаа најмалку 21 лице

Најмалку 21 лице загина во близина на пакистанско планинско зимско одморалиште oткако обилни снежни врнежи заробија илјадници луѓе на патиштата.

„Најмалку 21 лице, вклучувајќи жени и деца, загинаа“, соопштија од спасувачката екипа.

Десетици илјади туристи се собраа во Мури (Murree), една од најпопуларните планински дестинации северно од главниот град Исламабад за да уживаат во глетката и снегот што почна да паѓа во вторникот вечерта.

Според владините проценки, повеќе од 100.000 возила се забележани во областа, а хотелите се преполни. Посетителите без сместување немаа друг избор освен да преноќат во своите автомобили. Социјалните мрежи се преплавени со снимки од возила заробени во снег.

Министерот за внатрешни работи шеикот Рашид Ахмед рече дека илјадници возила се уште се заглавени на патиштата и властите ги повикале вооружените сили да помогнат во спасувачките операции. Властите прогласија вонредна состојба во Мури и забранија влез на возила и туристи во областа. Локалните жители им носат храна и ќебиња на заробените во возилата.

Министерот за информации Фавад Чаудри ги повика луѓето да не доаѓаат во Мури во следните неколку дена. Пакистанската метеоролошка агенција најави дека обилните снежни врнежи во областа би можеле да траат до недела навечер.

Back to top button
Close