Обновени просториите за издавање пасоши и лични документи во Скопје – брзи и ефикасни услуги за граѓаните
Реконструираното Одделение за управни работи – Скопје, кое се наоѓа во зградата на МРТВ, денеска е пуштено во употреба. Обновата на просториите – приземје и кат, со вкупна површина од 2.300 метри квадратни, е вредност од 48.000.000 денари. Завршена е првата фаза на проектот, реконструкција на најголемиот дел од приземјето од 1.300 метри квадратни.
На пуштањето на Одделението присуствуваа премиерот Христијан Мицкоски и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
– Просториите кои ги затекнавме нè навратија на година дена наназад кога во овие нечовечки, нехумани услови македонските граѓани ги вадеа своите патни исправи, а тоа не потсетува на оние седум години ужас, криминал, понижување и срам што го направија владата на СДСМ и ДУИ. Денеска, во еден климатизиран, убав, пристоен, би рекол европски амбиент, македонските граѓани можат да дојдат до своите патни исправи, рече Мицкоски.
Премиерот најави дека оваа есен се очекува да отпочне и втората фаза на реновирање на дополнителни 1.000 метри квадратни со што ќе се заокружи овој процес, изразувајќи уверување дека нема повеќе да се повторат оние турканици, метежи што се случуваа во минатото. – Како Влада сериозно се грижиме за државните институции, нивно функционирање и за граѓаните, рече Мицкоски.
Министерот Тошковски објасни дека реконструкцијата, која почна кон крајот на октомври минатата година, беше една од стратешките планови на ова раководство на МВР со цел граѓаните да добијат брзи и ефикасни услуги што ги плаќаат и ги заслужуваат.
– Веќе нема да има хаос, неред и граѓани со нарушено достоинство кога е потребно да се извади личен документ или која било услуга што ја дава овој оддел. Целта на реконструкцијата е граѓаните да имаат можност за брзи и ефикасни услуги, да го штедат своето време и сето тоа да биде на достоинствен начин како што заслужува секој македонски граѓанин. Со реконструкцијата и реновирањето засега се опфатени 20 т.н. кабини за сликање кои ќе извршуваат повеќе работни функции и ќе даваат повеќе услуги на граѓаните. Реконструирана е големата шалтер сала која во наредниот период ќе ги опслужува граѓаните во делот на издавањето на пасошите по итна и редовна постапка, личните карти по итна постапка, возачките дозволи, уверенија за државјанства заедно со сите останати постапки во врска со барањата за прием и отпуст од државјанства, промена на лично име и други, како и услуги од областа на возилата, потенцира министерот Тошковски.
Во оваа фаза се реконструирани и 15-на канцеларии за вработените, санитарни чворови, инсталиран е целосно нов централен систем за ладење и греење и извршено е целосно сервирање на надворешните окови, во насока објектот да биде што повеќе енергетски ефикасен.
Тошковски на крајот подвлече дека паралелно со процесот на дигитализација во кој многу од услугите што ги дава МВР ќе бидат достапни и дигитално, ќе се продолжи со отворање нови канцеларии на управни служби онаму каде што тие не се достапни за граѓаните. Веќе се отворени шест нови, рече тој, и најави реконструкција и модернизација на други каде што е потребно.
Одговарајќи на новинарско прашање, Тошковски истакна дека во текот на летниот период нема да има метеж за вадење лични документи и оти МВР ги има потребните капацитети за да може да им одговорат на потребите на граѓаните.
– Многу е преземено во изминатава година. Ова е еден од оние објекти што ги ставаме во функција во интерес на сите граѓани, како оние што живеат во Македонија, така и за оние кои се надвор од државата. Повеќе од 200 илјади граѓани ќе можат во рамки на своите општини да ги извадат сите потребни документи како лична карта, пасош и возачка дозвола, рече Тошковски.
Тој посочи дека особено е значајно за луѓето кои живеат надвор од Македонија. – На пример, печалбарите од липковскиот крај нема да има потреба повеќе да одат во Куманово и таму да ги вадат личните документи, туку во рамки на полициската станица што ја имаме во Липково, рече министерот за внатрешни работи.
Потенцира дека веќе во шест општини се отворени вакви служби, со цел да се растоварат поголемите градови и да бидат поблиску до граѓаните.
– Ги зголемивме капацитетите на вработени во рамки на управните служби, ставени се во функција поголем број кабини, отворени се поголем број локации каде граѓаните ќе можат да пристапат. Нема да имаме гужви. Ќе биде зголемен обемот на корисници во делот на управните служби, но ги имаме потребните капацитети за да можеме да одговориме. Ветувам дека оној хаос кој што го гледавте, сега нема да го има, истакна Тошковски.
Фото: Влада/МВР