Обвинителот тврди дека ги прибавиле сите битни докази за Христовски, но кривично дело немало
Обвинителот Владимир Милошески, кој ги отфрли кривичните пријави за сертификатот на директорот на АНБ Бојан Христовски, денеска даваше свечена изјава пред Советот на јавни обвинители откако беше избран за обвинител во Вишото јавно обвинителство Скопје. Тој вели дека обвинителството ги презело сите дејствија и побарало докази од сите можни инстанци за да донесе мериторна одлука во случајот со Христовски.
Покрај тоа што полагал во училиштето за странски јазици „Јулија“ во Пловдив, Христовски конкурирал за работа со друг сертификат кој го добил од ЕТС – Сервисот за едукација и тестирање, но ова не може да се провери бидејќи ЕТС ги чува податоците само две години.
– Обвинителството се обрати до сите оние институции до сите инстанци преку кои може да се прибават докази со кои ќе се дефинира јавнообвинителското постапување во конкретниот предмет. Имајќи ги во вид околностите под коишто кои се наведени во кривичната пријава, но и по службена должност се прибавени сите докази кои се неопходни за да се донесе одлуката. По разгледување на сите докази, донесена е одлука со која обвинителството нема да поведе постапка и затоа нели веќе во неколку наврати јавноста е информирана – рече обвинителот.