Онлајн средба на Бесими со претставници на ММФ: Целта ни е следните години растот да се дуплира

– Кризата предизвикана од Ковид-19 и нејзиното влијание врз македонската економија, преземените пакет-мерки и новиот што се изготвуваат во соработка со сите чинители во економијата, како и во консултации со Светска банка и ММФ, беа тема на разговор на првата онлајн официјална средба на министерот за финансии Фатмир Бесими со Бергјот Бјорнсон Баркбу, шеф на мисијата на Меѓународниот монетарен фонд за Република Северна Македонија и Штефани Ебле, регионален резидентен претставник за земјите од Западен Балкан.

Бесими на средбата истакнал дека главен приоритет ќе биде ублажувањето на ефектите од ковид-кризата и обезбедување солидна основа за заздравување на економијата, а притоа зачувување на макроекономската стабилност.

Најавил дека ќе се следи работата на инситуциите и реализацијата на планираните проекти за конкретната година и во согласност со тоа ќе се утврдува колку средства ќе им се доделуваат наредната година.  Фокусот, како што рекол, ќе биде ставен во привлекување финансиски средства во нашата економија од надворешни извори на финансирање, како и разгледување можности за мобилизирање на слободните финансиски средства од домашниот финансиски пазар, а со тоа, во координација со Народната банка, задржување на финансиската и монетарната стабилност во економијата.

– Министерот потенцира дека доколку успешно се спроведат политиките поддржани и со евроатлантските интеграции коишто делуваат како катализатор на растот, очекува во следните години просечниот раст да се дуплира, што би значело дека во најуспешните години може да се надмине психолошката граница за раст над четири проценти, стои во соопштението од Министерството за финансии.

Шефот на Мисијата на ММФ му посакал успех на министерот во неговата работа. Од ММФ истакнале дека постојано ја следат состојбата во македонската економија и дека ќе продолжат да нè поддржуваат во рамките на своите можности како што претходно помогнаа со Инструментот за брзо финансирање од 176,5 милиони евра. лв/са/

Back to top button
Close