Џонсон ги повика Британците по божиќниот ручек да го прочитаат новиот трговски договор

Британскиот премиер Борис Џонсон во видеопорака објавена доцна синоќа, ги повика Британците денеска на Божиќ да го прочитаат трговскиот договор постигнат со Брисел.

Преговарачите на Лондон и Брисел вчера конечно постигнаа договор за трговски односи меѓу двете страни пред крајот на преодниот период кој истекуваше на крајот на годината.

Целосниот текст на договорот, на неколку илјади страници, не беше веднаш достапен за јавноста.

– Патем, вечерва на Бадник имам мал подарок за секој што ќе бара нешто да прочита во поспаните моменти по божиќниот ручек – еве го, рече Џонсон во видеопораката на Твитер по што во рацете го зема договорот.

– Ова е гозба – полна со риби, патем, додаде Џонсон за договорот постигнат по преговорите во кои риболовот беше една од главните точки на несогласување меѓу двете страни.

– Верувам дека ова ќе биде основа за среќно, успешно и стабилно партнерство со нашите пријатели во ЕУ во следните години, заклучи британскиот премиер.

Неговата победничка порака беше објавена во време кога многу Британци нема да го поминат Божиќ со своите семејства поради ограничувањата воведени за спречување на ширењето на новиот вид на коронавирус.

– Знаеме дека следниот Божиќ ќе има луѓе што ги сакаме и кои се живи токму затоа што се жртвувавме и не го славевме овој Божиќ нормално, рече Џонсон

Back to top button
Close