Османи – Ковачев: Заедничка комисија за историски прашања да ја продолжи својата работа во насока на постигнување напредок

Во рамките на дводневната посета на Брисел, министерот за надворешни работи Бујар Османи, денеска се сретна и со европратеникот Андреј Ковачев, кој воедно е член на АФЕТ и потпретседател на Европската народна партија.

Како што соопшти МНР, Османи на разговорот посочи дека Република Северна Македонија е целосно посветена на унапредување на добрососедските односи со Бугарија преку имплементација на сите одредби на билатералниот Договор за пријателство, добрососедство и соработка врз основа на меѓусебно почитување.

-Нашата политика е во насока на градење на пријателство и на линија на негување на европските вредности, истакна Османи.

На средбата, се додава, биле реафирмирани позициите на нашата земја дека со Република Бугарија беше започнат еден исклучително важен и сложен процес на заедничко растење.

-Влогот е голем од двете страни и очекувањето е дека ќе надвладее меѓусебното разбирање и ќе се продолжи по патот на зближување и градење партнерство, низ заемно почитување, како две соседни европски држави. Република Бугарија и досега ги поддржувала европските интеграции на Република Северна Македонија и очекуваме оваа поддршка да продолжи и во иднина. За нас беше од исклучителна важност бугарското претседавање со Советот на ЕУ во 2018 година, кога проширувањето на ЕУ повторно се врати како приоритет на агендата на Европската унија, затоа континуитетот на оваа успешна и заедничка приказна мора да продолжи со усвојување на Преговарачката рамка и одржување на Првата меѓувладина конференција со ЕУ, истакнал Османи.

На средбата станао збор и за заедничкото претседавање со Берлинскиот процес при што, се наведува, беше подвлечено дека со нашиот сосед негуваме професионална и плодна соработка во менаџирањето на агендата на заедничкото претседавање со Берлински процес, и тоа во услови на пандемија. Тоа, се посочува, јасно покажува дека можеме да практикуваме партнерски однос и негуваме европски пристап во меѓусебната комуникација и функционирање. Ко-претседавањето на Бугарија и Северна Македонија со Берлинскиот процес, односно помеѓу земја членка на ЕУ и земја кандидат, ќе биде пример и образец за продлабочување и на европската соработка и иднина на регионот.

Соговорниците заклучија дека Мултидисциплинарната заедничка комисија за историски и образовни прашања треба да ја продолжи својата работа во насока на постигнување на напредок

-Градиме мостови на соработка кои водат кон зголемена доверба и заеднички успех. Тоа е и целта на Договорот меѓу двете земји, на рамката која ја имаме усогласено – за историските прашања да разговараат експертските комисии, а истовремено да обезбедиме непречена политичка, економска, културана и општествена соработка, заклучи Османи, стои во соопштението

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close