Османи најавува крај на дивоградбите и корупцијата во Чаир уште во првите 60 дена ако стане градоначалник

Кандидатот за градоначалник на Општина Чаир, Бујар Османи, најави мерки за ставање крај на урбаниот хаос и дивоградбите во Општината. Тој денеска изјави дека доколку биде избран, во првите 60 дена од мандатот ќе формира кризен штаб за дивоградби кој ќе спроведе ревизија на работењето на општината.

Според Османи, Чаир е симбол на урбанистичкиот хаос и дивоградбите, состојба која мора веднаш да се прекине. Кризниот штаб ќе биде координативно тело на сите инспекции – градежна, комунална и урбанистичка – и ќе врши ревизија на сите активни градилишта, дозволи и постапки во секторот урбанизам.

„Нема да дозволиме ниту педа од Чаир да се изгради надвор од стандардите и законските прописи“,
рече Османи при неговата денешната посета на Општина Чаир.
Тој испрати порака до граѓаните кои градат уредно дека ќе имаат целосна поддршка, но нагласи дека мафијата која има фатено длабок корен со дивоградбите ќе биде искоренета.

Освен урбанизмот, Османи се осврна и на, како што ја нарече, финансиската неефикасност и корупција во општината. Во првите 60 дена, најави дека ќе се спроведе надворешна и независна ревизија на сите трансакции со цел да бидат елиминирани сите непродуктивни трошоци, лоцирања на сите финансиски злоупотреби и пренасочување на парите кон граѓаните.

„Според информациите, Чаир е најкорумпираната и финансиски неефикасна општина“,
истакна Османи.

Тој како пример наведе над 700 фиктивни договори за партиски активисти и десетици илјади евра за партискиот штаб во кој партијата ги организира активностите.

„Една дупка во Чаир од еден метар квадратен е тендерирана за 72 000 денари, додека соседните општини не надминуваат 5-6 000 денари“,
рече тој.

Османи порача дека првите 60 дена од неговиот мандат нема да бидат „продолжение на хаосот, туку ќе бидат 60 дена на ред, работа и надеж“.

Покрај ова Османи прецизираше и други активности што ќе ги преземе доколку биде избран за градоначалник како што се хигиената за што ќе биде формирано општинско претпријатие за комунална хигиена, крпење дупки на улиците и реновирање на целата хоризонтална и вертикална сообраќајна сигнализација за да се зголеми безбедноста на возачите и на пешаците и да се воспостави вистински ред во сообраќајот.

„И затоа во првите 60 дена ќе ги адресираме најболните проблеми и ќе покажеме дека Чаир има капацитет и може да биде подбра општина, ако правилно се водат работите. И затоа од првиот ден прогласуваме кризна состојба за нечистотија, за недозволени градби и за корупција“,
додаде тој.

Back to top button
Close