Отворен паметен Инфо и Промо центар за туристички развој на Попова Шапка
– Од денеска посетителите на Попова Шапка ќе може да го користат новоизградениот Инфо и промо центар, со цел полесно и на едно место да ги добијат сите информации. Овој инфо и прмоцо центар е во насока и на развој на туризмот, зголемување на вработувањата како и инвестициите, рече министерот за локална самоуправа Горан Милевски кој означи за отворен центарот.
– Воспоставувањето на трите нови, вмрежени ПИП Центри се готови и ќе бидат во функција во Гостивар, Маврово и Попова Шапка, кои што ќе работат и нудат услуги засновани на централна дигитална платформа, базирана на стандардизирани работни процеси и ефективно ќе собира податоци за однесувањето и преференциите на туристите, трансформирајќи ги во информации и знаење за ефикасно опслужување на туристите, појасни Милевски.
Трите паметни инфо и промо центри (ПИПЦ) во вредност од 6.437.054 денари се опремени во рамки на Полошкиот плански регион со поддршка од Швајцарската агенција за развој и соработка.
Според министерот Милевски најуспешен начин за подобрување на туристичката понуда е директна, лице-в-лице комуникација со туристите. Ова би се постигнало преку вкрстување на расположливите податоци и информации од сите канали на комуникација, како и преку дигитална платформа која овозможува размена на податоци во реално време за посетителите на туристичкото место. Проектот директно засега околу 176 илјади граѓани од овој регион.
– Како дел од проектот беше изградба и опремување на три ПИП Центри кои се поврзуваат со Дигитална платформа, која би била ажурирана со најнови релевантни податоци за туристички, авантуристички, угостителски, хотелски, музејски и сличен вид податоци, придружени со маркетинг и промотивни материјал и достапни во Центрите, како и обуки за опслужување, односи и комуникација на службениците кои ќе бидат вработени во центрите, рече Милевски.
Тој предвидува дека со овој проект ќе се зголеми бројот на инвестиции преку стартап иницијативи за околу 6 проценти од вкупната туристичка понуда, зголемување на вработувањата во регионот за 1-2 проценти во првите 18 месеци, како и зголемување на бројот на туристи до 12 проценти.