Пендаровски: Ако постои работа што треба да не исплаши од пописот, тоа е бројката на иселени граѓани

 Успешноста на една држава се мери според способноста да се справи со бројните економски, социјални, здравствени, еколошки и образовни ефекти од пандемијата. Еден од главните елементи што е неопходен за успешни политики е токму реалната слика за бројноста на населението и неговата економска, образовна и социјална структура. Не постои друг начин за добивање на реална слика освен преку пописот како статистичка операција кој е предуслов за секоја организирана држава да може да го планира својот развој. За жал, од познати причини речиси 20 години ние ги немаме тие витални статистички параметри.

Ова го истакна шефот на држвата Стево Пендаровски на денешиот состанок на држваниот врв и градоначалниците организиран од Државниот завод за статистика за координација во врска со претстојниот попис. Тој нагласи дека поради бранувања во јавноста за пописот, пред да го потпише Указот за прогласување на Законот се консултирал со претставници на релевантните државни институции, истакнати домашни но и меѓународни експерти во областа, вклучително и од Еуростат и нивниот начелен став бил дека одредбите во законот не отстапуваат од стандардните меѓународни норми и принципи и од праксата при организирање на пописите во најголемиот број членки на ЕУ.

-Затоа сум длабоко убеден дека самото законско решение не претставува пречка за коректно изведување на пописот. Исто така, уверен сум дека Државниот завод за статистика има доволно знаење, искуство и ресурси да ја спроведе оваа важна статистичка операција на професионален начин, почитувајќи ги притоа сите препораки и мерки за заштита од КОВИД-19, рече Пендаровски.

Според него, проблемите поврзани со пописот не се ниту законски, ниту уставни, ниту технички, ниту здравствени, а најголемиот предизвик при неговата имплементација може да биде само непотребната политизација која во јавноста се креира извесен период наназад.

-Оваа политизација ги вклучува повиците за бојкот на пописот, лицитирање за процентуалната застапеност на заедниците и најавите дека нема да бидат прифатени резултатите доколку не отсликуваат нечија посакувана бројка. Иако доаѓаат од различни страни, сите обиди за политизација имаат еден заеднички именител. Имено, сите се рефлексија на стравот од резултатите од пописот. Според мене, тој страв произлегува од погрешното разбирање на концептот на човековите права како наводно, збир на привилегии што некој некому му ги дава или му ги одзема. За жал, точно е дека на Балканот правата на луѓето сè уште се гледаат низ етничка призма и пописот не се перцепира како статистичка операција, туку како политички проект. Затоа, кога се пребројуваме во регионот ние сè уште веруваме дека силата е во бројките и дека само од тие бројки зависат нашите права. Тоа е и главната причина зошто речиси 20 години немаме организирано попис и зошто го прекинавме во 2011-та. Но, човековите права и слободи не се привилегии што можат да се изгубат или одземат во зависност од нечија волја. Во една демократска држава со европска иднина, стекнатите права не смеат да се одземаат, туку само да се зголемуваат, и тоа треба да важи за сите граѓани, независно од нивната бројка, истакна претседателот Пендаровски.

Back to top button
Close