Пендаровски: Охридската школа на хуманизмот го продолжува делото на св.Климент и прочуената Охридска книжевна школа

– Годинешното доделување на 15. Светска награда на хуманизмот има особена симболика, пред се, што со неа се одбележува 30-годишнината од основањето на Охридската академија на хуманизмот. Низ своите три децении опстојување, со јасно декларирана цел, ширење на хуманите вредности низ светските меридијани, Охридската академија, во современ контекст, всушност, го продолжува делото на свети Климент Охридски и на неговата надалеку позната Охридска книжевна школа.

Тоа го истакна претседателот Стево Пендаровски во видео-пораката што ја упати до учесниците на онлајн Меѓународна конференција „Охридската школа на хуманизмот од Средниот век до денес во Европа и светот“ што се одржува во видоизменети услови наметнати од епидемијата на коронавирусот.

Пендаровски истакна дека меѓу мноштвото активности на Академијата особено значајно место зазема доделувањето на светската награда за хуманизам. Востановена во 2007-та, наградата се доделува секоја година на светски познати уметници, интелектуалци, истакнати имиња, но, пред се, на посветени хуманисти. Кон долгата листа импозантни имиња на лауреати, годинава се придружува и името на академикот од Босна и Херцеговина, почитуваниот Абдулах Шарчевиќ, несомнено еден од најзначајните филозофи во нашиот регион, признат и познат многу подалеку од неговите граници.

– Посебен и за нас значаен куриозитет е податокот дека академик Шарчевиќ почетоците на својата научна кариера ги имал на Филозофскиот факултет во Скопје, во втората половина од 50-те години на минатиот век. Се надевам дека и по добивањето на ова престижно признание, личните и професионалните контакти кои професорот Шарчевиќ одамна ги има изградено со Република Северна Македонија само ќе добијат на интензитет, рече претседателот.

Уште истакна дека со пандемијата која не само што ги загрози нашите животи и нашето здравје, ни го промени секојдневието и буквално го промени ликот на целото човештво, за жал, само уште повеќе се зголеми човековата отуѓеност, правејќи не ранливи, осамени и затворени во себеси.

– Имено, во вакви времиња ни е и тоа како потребна хуманоста, солидарноста и взаемната почит. Да го победиме Ковид-19 и да се вратиме во нормалното секојдневие, но и да ја афирмираме и повторно актуализираме духовноста и културата. Накусо, да ја вратиме човечноста на човештвото, рече Пендаровски.

Back to top button
Close