Пендаровски: Спроведувањето на наставата преку дигитални платформи останува предизвик за сите
Неспорно е дека спроведувањето на наставата преку дигиталните платформи останува предизвик, посебно за држава со мали ресурси, како што сме ние, и за оние кои ја изведуваат наставата, но и за учениците и студентите, за родителите, за секој од нас. Генерално, дигитализацијата во образованието отвора извонредни можности за олеснување на образованието на сите граѓани и нашите досегашни искуства на овој план мора да се искористат и по завршувањето на кризата со Ковид-19.
Ова денеска го порача претседателот Стево Пендаровски, која ја отвори онлајн трибина „Дигитализација и образование“, во организација на „ДИГ-ЕД“.
Пендаровски посочи дека целиот свој образовен циклус го поминал во земјава и не смета дека нешто крупно ни недостига.
– Достапноста на образованието за сите и надминувањето на физичките бариери е, според мене, неверојатен бенефит за секоја индивидуа и за општеството во целина. Затоа треба да бидеме подготвени да инвестираме во информатичките технологии и да ги развиваме дигиталните алатки, но пред се и над се, генерално зборувајќи, да работиме на дигиталната писменост, нагласи претседателот Пендаровски, додавајќи дека процесот на образование има и социјална димензија.
Пендаровски ги поздрави напорите на сите фактори во земјава кои вложуваат во подобрување, трансформација и дигитализација на образованието.
Министерката за образование и наука Мила Царовска соопшти дека дигитализацијата ќе биде во фокус на нејзината работа во следните четири години. Смета дека и во иднина може да се користи онлајн учењето, како дополнителна алатка, и најави дека наскоро ќе биде промовирана националната платформа за учење од далечина.
Царовска се осврна на предизвиците во секторот образование, како инфраструктурни прашања, санитарни јазли, дидактика, обука на наставен кадар и нивен кариерен развој, пристап до интернет… Посочи дека има голем дел наставници кои не се обучувани, но додаде дека има и наставници со капацитет, наградувани, ентузијасти, кои сакаат да воведат ваков тип на алатки во образованието. Информира дека тие се на мастер тренинг до сабота, а потоа стекнатото знаење ќе треба да им го пренесат на своите колеги, за тоа како се користи платформата и како се креира лекција во неа. Исто така и учениците ќе бидат контактирани од наставниците за да имаат време да се запознаат со платформата, да ја истражат.
Царовска рече дека преговараат со националните телевизии оние часови кои се 15 минути кратко снимени да одат по распоред на телевизија. Посочи дека е важно онлајн платформата да остане „жива“, во континуитет да се обучуваат и наградуваат наставниците кои активно ќе ја користат и ќе креираат многу лекции од својот предмет во платформата.
– Наставниците да покажат интерес и да имаат лични заложби за да имаме квалитетно образование во период на Ковид-19. Јавното образование во училиштата, основни, средни и високо образование, понатаму да биде наша гордост. Мораме и треба да постигнеме повисоки резултати на меѓународните тестирања, треба да покажеме дека наставниците значат, дека наставниците се клучна алка за ние да кажеме дека имаме квалитетно образование, не програмите од Бирото за развој на обрзованието, не само учебниците. Наставникот е оној кој пренесува знаењето и кој создава личност, граѓанин кој понатаму треба да се соочи со сите предизвици во животот и брзо може да се адаптира на пазарот на трудот, рече Царовска. Апелираше да се искористи се што имаме, да се вложи малку повеќе напор, заедно и од сите, наставници и родители.
На трибината дебатираа и професорите Владимир Трајковиќ од УКИМ, Никола
Стиков од Политехничкиот факултет во Монтреал и Пеце Талески, извршен
директор на ОХО.