Писмо на „Иван Михајлов“ за нови судири меѓу Скопје и Софија

Дописот од Битола патува на нови адреси и ја крева тензијата во односите со Бугарија. Македонскиот државен врв бара Бугарија да не се меша во внатрешните работи на земјата, пишува Дојче веле.

Молк од Културниот центар „Иван Михајлов“ од Битола по писмото испратено до државниот врв во Бугарија во пресрет на пописот во кое се посочува за наводни повреди на правата на Бугарите во С. Македонија. Но, нивниот допис во меѓувреме продолжува да патува на различни адреси. Откако го испратија до бугарскиот претседател Румен Радев, премиерот Бојко Борисов и вицепремиерите и министри за надворешни работи и за одбрана, Екатерина Захариева и Красимир Каракачанов, писмото е препратено и на неколку адреси во Северна Македонија. Како што објави здружението на Фејсбук, отвореното писмо потпишано од Љупчо Горгиевски, е препратено и до амбасадите на САД, Германија, Португалија и Делегацијата на ЕУ во Скопје. Дописот дополнително ги вжешти изјавите кои доаѓаат од Софија и предизвика незадоволство во Скопје, каде државниот врв ги оцени како мешање на Бугарија во внатрешните работи на Северна Македонија.

Захариева обвинува за дискриминација

Откако вчера бугарскиот претседател Румен Радев ги повика шефовите на безбедносните служби за да преземат мерки поради наводни повреди на правата на Бугарите во С. Македонија, утрово министерката Екатерина Захариева во интервју за БНТ рече дека „недозволиво е тоа што во Македонија во 21-от век не се признава правото на самоопределување“.

„Над 100 илјади граѓани имаат и бугарско државјанство и недозволиво е да се дискриминираат и заплашуваат поради тоа. „Недозволиво е во 21 век да постои дискриминација. Тие се обидоа да ја обвинат Бугарија дека таа го одрекува правото на самоопределување на нивните граѓани, но со таквите постапки тие го одрекуваат тоа“, вели Захариева.

Во писмото кое културниот центар „Иван Михајлов“ од Битола го испрати до бугарскиот  државен врв побараа олеснување на процедурите при добивање бугарско државјанство за оние граѓани кои на претстојниот попис во С. Македонија ќе се определат како Бугари. По дописот, претседатeлoт на Бугарија ги повика првите луѓе на безбедносните служби на разговори да се  преземат навремени мерки за соодветна заштита на правата на Бугарите во С. Македонија.

Да не се потпаѓа под инсинуации

Премиерот Зоран Заев реагирајќи на изјавите на Радев порача дека државата секогаш знаела да даде одговор на какви било загрижености и дека не е потребно испраќање какви било разузнавачки служби. „Испраќам силна порака до соседна Бугарија. Да не потпаѓаме под какви било инсинуации или неточни информации. Ние сме земји членки на НАТО, ние сме сојузници, не ни треба испраќање на не знам какви разузнавачки служби да ги утврдат правата на граѓаните. Таман работа, правата на граѓаните се светост во нашата земја, верувам така е и во Бугарија и во цела Европа“, изјави Заев.

Според него, недозволиво е мешање во туѓа земја, при што потсети на Договорот за пријателство и добрососедство меѓу двете земји, кои се декларирале за немешање во внатрешните работи на другата земја, но и да нема мешање во прашањата за малцинствата. Заев ги отфрли информациите дека има напад кон македонските Бугари во однос на нивното изјаснување на претстојниот попис. Како што рече, иако во Уставот нема етничка припадност Бугари, во пописот правото на определба за етничката припадност е отворено и прашањето ќе гласи: „На која етничка заедница ѝ припаѓате?“, па секој ќе може слободно да се изјасни.

И претседателот Стево Пендаровски реагираше во однос на последните случувања во Бугарија поврзани со претседателот Румен Радев.
„Крајно невообичаено и секако надвор од внатрешните процедури на Алијансата е претседател на една земја-членка на НАТО да ги повикува своите служби за безбедност да реагираат за наводно кршење на правата на граѓани во друга земја-членка на НАТО. Реакцијата на бугарскиот претседател е спротивна и на основниот принцип во меѓународната политика за немешање во внатрешните работи на друга држава“, вели тој.

Nord-Mazedonien Skopje | Staatspräsident - Stevo PendarovskiСтево Пендаровски реагираше во однос на последните случувања во Бугарија поврзани со претседателот Румен Радев

До овој момент, Пендаровски немал добиено ниту една информација од надлежните институции за кршење на човековите слободи и права на македонски граѓани само затоа што ја декларирале својата етничка припадност.
„Како држава кандидат за членство во ЕУ ние сме со години под редовен мониторинг на Брисел, но, ниту во последниот годишен извештај за напредокот на Европската Унија не се регистрирани такви случаи“, реагираа од кабинетот на претседателот.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ побара Владата треба најитно да го осуди однесувањето на Радев и Захариева, како и на другите бугарски политичари кои се закануваат врз интегритетот на Македонија и веднаш да ги извести сите меѓународните претставници во земјата, но и ЕУ и НАТО.

Back to top button
Close