Платформа за родова еднаквост: Ненавремената реакција на полицијата може да резултира во фемицид

Во текот на вчерашниот ден во медиумите излезе веста за убиство на 60-годишна жена од страна на нејзиниот сопруг во нивниот заеднички дом во Гостивар. Според она што беше споделено од медиумите за овој случај, постои сомнение дека една од причините што случајот на насилство ескалирал во убиство е непостапувањето на полицијата по пријава за насилство еден ден пред убиството. Доколку ова се потврди, ова нема да биде прв случај во кој и покрај постоењето на сознанија и пријави за насилство, институциите не реагирале навремено. Со ова се потврдува дека најчестата причина поради која физичкото насилство резултира во убиство е несериозниот пристап на институциите кон родово базираното насилство. Токму несоодветното постапување по пријавите на родово базираното насилство и семејното насилство значително ја намалува довербата на жртвите во надлежните институции. Дополнително, начинот на известување за случајот, преку сензационалистички наслови и негово непрепознавање како семејно/родово базирано насилство, уште еднаш ја покажува недоволната сензибилизираност на медиумите за оваа проблематика.

Од почетокот на оваа година ова е трет случај на фемицид во државава односно убиство на жена затоа што е жена, што претставува најтешка форма на насилство врз жената и е една од водечките причини за прерана смрт кај жените на глобално ниво. Според истражувањата во нашата земја, во повеќе од 80% од случаите убиството се случило во заедничкиот дом или доколку била отпочната постапка за развод, во домот на родителите на жртвата, а во најголем дел од случаите убиството е извршено од страна на сегашен или поранешен партнер. Во случаи кога семејното насилство не се пријавува или пак, релевантните институции на жртвата не ѝ ја обезбедуваат соодветната заштита, како во конкретниот случај во Гостивар, многу поголемае веројатноста дека насилството ќе резултира со фемицид.

Со ратификација на Истанбулската конвенција, Република Северна Македонија ја презема и обврската за препознавање на фемицидот како посебно кривично дело за кое ќе се води и посебна статистика, за што до сега како најчест извор на неофицијални статистички податоци се користат известувањата на медиумите. Државата ја презема обврската да го усогласи националното законодавство со Конвенцијата, во чија насока беше подготвен Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство кој беше предвидено да се донесе до крајот на 2019 година, меѓутоа заради закажување на предвремените парламентарни избори не беше ставен на гласање во Собранието. Со овој закон се уредува и постапувањето на институциите и нивната координација со организациите и за прв пат предвидува дека треба да постапуваат со должно внимание. Оттука, апелираме инситуциите да ги спроведуваат обврските кои ги преземаа со ратификацијата на Истанбулската конвенција, како и да се пристапи кон итно донесување на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство. Воедно апелираме и Министерството за внатрешни работи да го испита постапувањето на полициските службеници во конкретниот случај, да утврди одговорност кај службениците кои пропуштиле да преземат навремени дејствија и соодветно да ги санкционира доколку е потребно.

Со почит,
Платформа за родова еднаквост

*Организации членки на Платформата за родова еднаквост:
1. Асоцијација за здравствена едукација и истражување – ХЕРА
2. Бори се женски
3. Женска граѓанска иницијатива АНТИКО
4. Здружение женски форум Тетово
5. Здружение за еднакви можности Семпер
6. Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените (ЕСЕ)
7. Здружение за локален рурален развој
8. Здружение за унапредување на родовата еднаквост – Акција Здруженска
9. Здружение на граѓани за промоција на женската активност Тиииит! Инк.- Скопје
10. Здружение Организација на жените на општина Свети Николе
11. Институт за општествени и хуманистички науки
12. Коалиција “Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници”
13. ЛезФем
14. Мрежа за заштита од дискриминација
15. Национална мрежа против насилство врз жените и семејно насилство – Глас против насилство
16. Национален совет за родова рамноправност-СОЖМ
17. Организација на жени на град Скопје
18. Организација на жени Кумановка
19. Реактор – Истражување во акција
20. Стела
21. TAKT
22. Хелсиншки Комитет
23. Хуманитарно здружение Мајка, Куманово

Back to top button
Close