Подгорица ја поздравува одлуката на Белград, но не се откажува од протерување на српскиот амбасадор од Црна Гора

Црногорската Влада во заминување ја поздрави одлуката на Србија да не го протера црногорскиот амбасадор во Белград Тарзан Милошевиќ, иако претходно тоа го најави како реципрочна мерка. Сепак, официјална Подгорица соопшти дека тие остануваат на одлуката за протерување на српскиот амбасадор во Подгорица Владимир Божовиќ.

Црногорското Министерство за надворешни работи оцени дека секако немало причина да биде протеран црногорскиот амбасадор Милошевиќ.

„Амбасадорот Тарзан Милошевиќ ја претставува својата земја, притоа почитувајќи ја Република Србија, не се меша во нејзините внатрешни работи, се однесува со воздржаност кон земјата домаќин дури и кога Црна Гора беше грубо навредувана и понижувана од разни адреси во Србија, црногорските државни симболи беа осквернавени, и затоа реагираше и на разни меѓународни адреси “, соопшти црногорското МНР.

Црногорската Влада, која заминува од власт на 2 декември, кога во парламентот ќе биде избран новиот мандатар Здравко Кривокапиќ, во соопштението вели дека, за разлика од Тарзан Милошевиќ, српскиот амбасадор „континуирано се меша во внатрешните работи на земјата каде што службува, со своите интерпретации на историјата”. “

Според црногорското МНР, Амбасадорот Божовиќ во петокот „нелегалното и нелегитимно го нарече Подгоричко собрание од 1918 година ослободително и слободна волја на црногорскиот народ, со што уште еднаш, на најдиректен начин ја омаловажи државата која му пружи дипломатско гостопримство”.

Во соопштението се истакнува дека Божовиќ на таков начин го понижи законодавното и претставничко тело – Собрание на Црна Гора, кое на 29 ноември 2018 година усвои Резолуција за поништување на одлуката на Подгоричкото собрание, со која беше укинат дотогашниот суверенитет на Црна Гора, а нејзината територија припоена кон Кралството Србија и насилно беше детрониизран кралот Никола Петровиќ Његош.

Тие наведуваат дека нема да ја отповикаат одлуката затоа што, како што велат, е несфатлива изјавата на српската премиерка Ана Брнабиќ дека амбасадорот Божовиќ всушност ги пренел официјалните позиции на Владата на Србија, што, како што тврдат, е потврда и продолжување на грубото мешање во внатрешните работи на Црна Гора.

По одлуката на Подгорица за прогласување на „персона нон грата” на српскиот амбасадор, реагираше Белград и најави реципрочна мерка. Но подоцна, премиерката рече дека претседателот Александар Вучиќ побарал преиспитување на одлуката, по што е решено да не се возврати со иста мерка. Еврокомесарот за проширување Оливер Вахеи ја поздрави одлуката на Белград и побара и Црна Гора да го стори истото.

Во денешното соопштение, црногорското МНР му забележува на Вархеи дека при поздравувањето на српската одлука пропуштил со партнерите и пријателите во Црна Гора „барем да размени информации и мислења за меритумот на нештата”.

Back to top button
Close