Полициско насилство во Германија: „Брате, тоа не е смешно!“

Видеото е снимено во саботата во текот на полициска акција во Диселдорф, главниот град на сојузната покраина Северна Рајна Вестфалија. На прв поглед видеото потсетува на акцијата на полицајците во Минеаполис во САД, која доведе до смрт на Афроамериканецот Џорџ Флојд.

Уапсениот 15-годишник во Диселдорф наводно не е повреден. Против него имало неколку пријави до полицијата, пренесува германската новинска агенција ДПА. А според изјавата на државниот обвинител, против полицаецот кој користел колено се води истрага.

Адвокатот Кристоф Арнолд ги брани постапките на својот клиент-полицаец: тој на 15-годишникот му ја фиксирал главата со потколеницата, „така се учи”, изјавил адвокатот за ДПА, додаваќи дека момчето имало една слободна рака под телото. Тоа, вели адвокатот, била опасна ситуација за полицајците, зашто можело да се подигне или на пример да извади оружје.

Недопустлива употреба на сила

Случајот повторно ја распламти дискусијата за полициско насилство во Германија. Каде се границите за примена на сила за полицајците? Колку насилство е соодветно?

Притоа видео-снимката од Диселдорф не е единствена која изминатиот викенд стана вирална на Твитер и Инстаграм, а (наводно) покажува несразмерна употреба на полициска сила. На интернет кружи и снимка од Франкфурт. Видеото го снимил и поставил на Инстаграм Блез Франсис, адвокат кој бесплатно ги брани луѓето во случај на расизам.

Неговото видео прикажува како неколку полицајци држат уапсено лице на земја. Набрзо потоа, еден од нив шутира во правец на главата на човекот кој лежи на земја. Друг полицаец, според соопштение од франкфурстката полиција – шеф на операцијата, го одведува тој полицаец на страна и наводно подоцна интерно го пријавил инцидентот. Франкфуртскиот јавен обвинител исто така бил известен за инцидентот.

Во соопштението на франкфуртската полиција за новинарите се зборува за можна „недопустлива употреба на сила од страна на полицајците против осомничениот кој лежи на земја”.

Од Хановер и Хамбург исто така има снимки од полициски операции во кои уапсените се фиксирани или пак полицајците понасилно отколку што е потребно отстрануваат присутни лица.

Предвремени заклучоци?

Тие видео-снимки кои се појавија во рок од само неколку дена не останаа без реакции од политичарите. Инцидентот во Франкфурт Партијата на левите вака го коментираше: „Не постои оправдување за удирање лице кое лежи на земја и е фиксирано”, изјави Херман Штраус, портпарол на Левица за внатрешна политика во парламентот во Хесен.

Кога станува збор за инцидентот во Диселдорф, министерот за внатрешни работи на Северна Рајна Вестфалија, Херберт Ројл изјави дека сликите на инцидентот првично го шокирале, меѓутоа, предупреди од донесување предвремени заклучоци.

„Не сакам на кој било начин да ја оправдам акцијата од саботата вечерта, но не сакам ни прерано да донесувам суд”, изјави Ројл, потсетувајќи: Полицијата смее да користи физичка сила, тоа само по себе не е незаконски како што некои сметаат, туку е често прикладно, дозволено и неопходно.

Со тоа делумно се согласува и пратеничката од Зелените, Ирене Михалиќ. Но таа во изјава за Дојче веле го кажа и следново: „Употреба на сила е неопходна ако тоа го бара ситуацијата. Но, само тогаш.” Видео-снимките од полициската акција во Диселдорф покажуваат употреба на методи „кои го загрозуваат здравјето и животот на лицето од причини кои не ми се јасни”, истакнува Михалиќ, затоа инцидентот сега мора детално да се разјасни.

Back to top button
Close