Поради магла намалена видливоста на Попова Шапка и Крушево
– Поради појава на магла, видливоста на Попова Шапка и Крушево е намалена на 30 – 50 метри, соопшти вечерва Автомосојузот на Македонија (АМСМ).
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по влажни коловози. Слаб дожд врне во Битола, Прилеп, Железнец, Штип, Сарамзалино, Крива Паланка, Тетово и на планинските превои Буково, Плетвар, Стража и Маврово. На Попова Шапка провејува слаб снег кој не се задржува подолго на коловозот.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини, од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и за излез од државата.
Во сила е законската обврска за задолжително поседување зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има појава на утринска магла и можност од појава на одрони. Тоа посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.