Промоција на монографијата „Кодот на Преспа“ од Борјан Јовановски

Промоција на монографијата Кодот на Преспа, Приказна за „загубениот пат“ од авторот Борјан Јовановски, во издание на Хелсиншки комитет за човекови права, ќе се одржи денеска во Скопје.

Изданието ќе го претстават авторот Борјан Јовановски, историчарот Петар Тодоров и Вергим Шерифи. Во ракописот се поместени неколку интервјуа во кои се говори за побратимствата помеѓу поединци и семејства од различно етничко и религиско потекло што се негуваат со генерации во Преспа, а денес се препознаени како „специфичниот код на Преспа“.

-Новинарот Борјан Јовановски, чие што семејство потекнува од Преспа, ја препознал вредноста на побратимството како општествена институција во културното и историското живеење на областа, па направил неколку интервјуа со припадници на семејства побратимени со генерации, со цел да го истакне овој феномен како еден од носечките столбови на културата на воспитување на помладите генерации сопримери од минатото и начинот на живеење на Преспанци како основа за добар соживот и заемно почитување, пишува во предговорот кон ова издание професорот Љупчо С. Ристески.

Монографијата е издадена во рамки на проектот „Соживотот не е мит – поуките од Долна Преспа“ кој го спроведува Хелсиншкиот комитет за човекови права и е дел од проектот „РЕКОМ мрежа на помирување“, финансиран од Европската Унија.

Проектот се занимава со помалку познатите колективни мемории и актуелни односи на различните етнички и верски заедници во Северна Македонија.

-Наспроти општоприфатените опсервации за меѓуетничките односи во Македонија како потецијални генератори на нестабилност, овој проект имаше за цел да ги приопшти позитивните примери и модели на соживот во Северна Македонија, како што е случајот во регионот на Долна Преспа, кои би требало да послужат како пример и инспирација за денешните генерации за креирање на социјални механизми кои ќе овозможат култруниот и верски диверизтет да бидат прифатени како шанса за градење на динамична и културолошки богата општествена средина, се наведува за проектот.

Монографијата ќе биде достапна на македонски и албански јазик.

Back to top button
Close