Проштална средба на Џафери со јапонската амбасадорка Ханеда

Претседателот на Собранието Талат Џафери, на денешната проштална средба со амбасадорката на Кралството Јапонија во нашата земја Кеико Ханеда, изрази задоволство од досегашната соработка со јапонската Амбасада, односно со првиот резидентен амбасадор, и во таа насока, нагласи дека очекува во наредниот период да продолжи оваа соработка и со новиот амбасадор, со што ќе продолжи трендот на јакнење на политичките и економските релации меѓу двете земји.

Тоа, како што се навдува во соопштението од собраниската прес-служба, ќе резултира со зголемување на јапонските инвестиции, и интензивирање на соработката во областа на медицината, туризмот, културата и други области.

– Во овој период, пред нас се три големи приоритети. Очекуваме во месец декември оваа година, отворање на пристапните преговори со ЕУ, борба со епидемијата предизвикана од Ковид 19 како и справување со последиците по економијата предизвикани од оваа пандемија, и јас очекувам дека успешно ќе се справиме со овие предизвици, нагласи Џафери.

Јапонската амбасадорка Кеико Ханеда, го потенцираше своето задоволство од досегашниот престој во нашата земја во овие три години во својство на амбасадорка на Јапонија и изрази уверување дека соработката со Собранието ќе продолжи и со нејзиниот наследник на највисоко ниво и во таа насока, упати благодарност за досегашната соработка и комуникација меѓу Амбасадата на Јапонија и Собранието, како и со Парламентарната група за соработка. Исто така, амбасадорката констатираше дека во овие три години се случија многу добри и позитивни настани во Република Северна Македонија, како што се полноправното членство во НАТО и датумот за почеток на преговорите со ЕУ и, изрази очекување дека Џафери и во наредниот период ќе продолжи успешно да го води Собранието и да се справува со предизвиците.

Двајцата соговорници се согласиле дека соработката меѓу Собранието на Република Северна Македонија и јапонската Амбасада ќе продолжи како и досега, на највисоко ниво, се посочува во соопштението.

Back to top button
Close