Регулаторна се пожали во ЕУ и САД дека ВМРО-ДПМНЕ и врши директен притисок
Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги соопшти дека ги информирала Секретаријатот на Енергетската заедница во Виена, како и дел од меѓународните дипломатските претставници во земјава во врска со последните случувања во земјава поврзани со одлуката од 21 јули 2020 година за одобрување на регулираниот максимален приход и цени на пресметковните елементи за вршење на енергетската дејност снабдување со електрична енергија на потрошувачи кои ги снабдува универзалниот снабдувач ЕВН ХОМЕ ДОО Скопје.
По донесувањето на одлуката повремено се одржуваат протести во организација на собири на здруженија и граѓани, кои за РКЕ се легитимни, но протестот организиран од страна на најголемата опозициска партија ВМРО ДПМНЕ која бара укинување на одлуката е директен притисок врз нашата работа, посочуваат од РКЕ.
– Како претседател на Регулаторната комисија за енергетика сакам да Ве уверам дека Регулаторната комисија за енергетика е секогаш спремна за дијалог со сите заинтересирани страни, но секогаш ќе биде независна во своето одлучување и никогаш нема да потклекне под различни притисоци и влијанија. Одлуката на Регулаторната комисија за енергетика е донесена врз основа на Законот за енергетика* и соодветните подзаконски акти во коишто се инкорпорирани начелата на законодавството на Европската унија и европските стандарди, со анализирање на податоците за финансиското работење на вршителите на енергетските дејности. Истовремено, со донесената одлука се обезбедува непречено функционирање на електроенергетскиот систем – сигурност, стабилност и доверливост во испораката на електрична енергија што е од особено значење токму во пресрет на зимскиот период.
Притоа, со донесената одлука се изврши значајно намалување на барањата на вршителите на енергетските дејности за покачување на цените на нивните услуги, односно не им се признати сите пријавени трошоци, освен оние за коишто Регулаторната комисија за енергетика смета дека се оправдани, наведува Марко Бислимоски, претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги во писмото доставено до Секретаријатот на Енергетската заедница во Виена, Делегација на Европската Унија во Северна Македонија и Амбасадата на Соединетите Американски Држави.