Самоопределување: Нелегитимниот премиер му донесе многу штети на Косово од Вашингтон
Најголемата косовска опозициска партија, Движење самоопределување (ВВ), смета дека косовскиот премиер Авдулах Хоти, наместо ветеното признавање на независноста, му донесе многу штети на Косово од преговорите со Србија во Вашингтон, јави дописникот на МИА од Приштина.
Во денешната објава на својата страница на Фејсбук, ВВ на, како што го нарекува, „нелегитимниот премиер Хоти“, му ги набројува штетите од договорите кои минатата недела ги потпиша со српската страна во Белата куќа во Вашингтон.
– Нелегалниот и нелегитимен премиер рече дека оди во Вашингтон за меѓусебно признавање, но се врати со многу штети за Републиката. Значи, отидоа за признавање, а се согласија да не се залагаат за зачленување во меѓународни организации една година. Отидоа за признавање, а се согласија за поделба на езерото Газивода. Отидоа за признавање, а се согласија за реализација на идејата и целите на Србија за мини-Шенген. Отидоа за признавање, а се согласија да ѝ овозможат на Србија излез на Јадранското море. Отидоа за признавање, а днесоа штети, срамота и опасности, се вели во реакцијата на партијата на доскорешниот премиер, Албин Курти.
Косовскиот премиер Хоти и српскиот претседател Александар Вучиќ, во присуство на американскиот претседател Доналд Трамп, во петокот, на 4 септември, во Вашингтон потпишаа договор за економска стабилизација, со кој се регулира соработката меѓу двете земји во повеќе економски области.иа/сд/