Се предвидуваат промени во учебниците и наставните материјали
Се предвидуваат промени во учебниците и наставните материјали. Неопходна е замена на постојните учебници со нови, изработка на квалитетни учебници за сите задолжителни наставни предмети од групата на задолжителни предмети како математика, природни науки, општествени науки, англиски јазик, македонски јазик и јазиците на заедниците во земјава.
Ова денеска на прес-конференција го соопшти професорката Виолета Бешка, која детално ја презентира новата концепција за основно образование.
Тие, како што рече, треба да бидат целосно усогласени со наставната програма и со потребите и интересите на учениците.
– Тенденција е класичните форми на учебници кои сега ги имаме, достапни во печатена и во електронска форма, да бидат постепено заменети со дигитални верзии кои овозможуваат полесна реализација на наставата и постигање на очекуваните резултати од учењето, рече Бешка.
Според неа, всушност се интегрира ИКТ пристапот за потребите на осовременување на наставата, ги развиваат информатичките компетенции кај учениците, се поттикнува креативноста и автономијата во учењето на самите ученици.
За задолжителните предмети од областа на уметностите, според неа, не се изработуваат учебници, туку се користат наставни материјали. Наставните материјали се користат и за слободните изборни предмети, согласно тематиката и за потребите на учениците.
Таа нагласи дека сега наставниците имаат автономија да креираат или да избираат наставни материјали и како дополнително за оние учебници.
За наставниот кадар, како што рече Бешка, МОН гарантира дека ниту еден наставник нема да го загуби работното место, ниту концепцијата во кој било поглед ги загрозува наставниците кои сега предаваат различни предмети. Според неа, дури се очекува и дека ќе расте потребата од наставен кадар.