Секоја одлука на Судскиот совет што има за цел поефикасно и праведно судство е за поздравување, вели Маричиќ
Министерот за правда Бојан Маричиќ, во врска со вчерашното разрешување од страна на Судскиот совет на судијката Весна Кичеец од Основниот суд Охрид, рече дека ја поздравува секоја одлука на Судскиот совет што има за цел да ја подобри ефикасноста, законитоста и праведноста во постапувањето на судиите, не коментирајќи го конкретниот случај.
– Овој случај, како и други случаи во кои се разрешуваат судии зависи од Судскиот совет и од механизмите утврдени со Законот за Судски совет и со Законот за судови. Ја поздравувам секоја одлука на Судскиот совет што има за цел да ја подобри ефикасноста, законитоста и праведноста во постапувањето на судиите и мислам дека тоа е нивна основна задача, така што без да го коментирам конкретниот случај и да заземам страна, бидејќи ниту е работа на министерот за правда да се меша во овие случаи, ниту пак да пресудува. Би сакал да кажам дека доколку разрешената судијка мисли дека и се прекршени правата или е неправедно разрешена има можности и механизми како да се жали, а секако Судскиот совет и останатите истанци во рамките на оваа постапка ќе може да го кажат своето мислење и мислам дека точно ќе треба да ја утврдат одговорноста, ако веќе и не ја утврдиле со оглед на одлуката за разрешување, рече Маричиќ.
Според него, секој има право да се докаже во процедура дали смета дека можеби Судскиот совет погрешил.
– Мислам дека Судскиот совет кога носи вакви одлуки најчесто особено по новите стандарди од 2019 година наваму кога веќе доаѓаме до бројка од десет разрешени судии, има јасни критериуми, има јасна постапка и сигурен сум дека ги разгледува соодветно и аналитично сите околности пред да донесе ваква одлука затоа што разрешувањето е една крајна форма на одговорност. Така што штом се одлучил на ваков чекор сигурно имале цврсти аргументи, истакна тој.
Маричиќ потсети дека затоа постојат и механизмите за жалба и механизмите за докажување на исправноста на постапувањето на секој од судиите.
– Сепак, тоа е работа на системот воспоставен од Судскиот совет и јас верувам дека ќе се расчисти овој случај до крај. Сигурен сум дека ќе имаме и понатаму случаи слични во кои ќе има различно мислење на оние кои би биле разрешени од Судскиот совет, тоа е нормално. Но, затоа постои системот за да можат да се докажат, имаат право и пред судски истанци и понатаму да ја бараат правдата, но системот треба да покаже функционалност, одговорност и секако законитост, вели Маричиќ.
Министерот, во однос на филтрирањето на судиите и генерално зајакнување на стандардите за одговорност, отчетност и транспарентност и етика во судството, рече дека идејата е токму тоа да се избегнат ситуациите каде што случаите застаруваат заради субјективни причини, заради некоја причина поврзана со влијание на судиите или на обвинителите.
– Целта на овој процес е да се отстрани тој фактор на застарување на случаите преку влијание на судиите и обвинителите, така што одговорот на вашето прашање за секој поединечен случај треба да го даде Судскиот совет, но мислам дека генерално идејата е да се отстрани оваа појава, одредени случаи да застаруваат заради непостапување на судиите и обвинителите. Дали тоа ќе значи промена на праксата од страна на одредени судии или, пак, нивно разрешување на тоа одговор треба да даде Судскиот совет по планот и по методологиите што самиот ги усвои, истакна тој.
Министерот потсети дека по изборите е започнат процес на консултација и со Судскиот совет и со Советот на јавни обвинители за сите правила и сите недонесени подзаконски акти, што беа утврдени пакетот закони усвоен во текот на 2019, вклучувајќи го и Законот за Јавно обвинителство што беше донесен оваа година во февруари, во сите овие закони постојат стандарди или постојат подзаконски акти што треба да ги додефинираат овие стандарди.
– Во тек е и донесувањето на методологијата за сложеноста на предметите и тој процес финишира со усвојување на дел од овие акти и со планот за проверка на работата на судиите и претседателите на судови што е всушност планот за филтрирањето, усвоен од страна на Судскиот совет минатиот петок, а кој ќе биде потврден и поддржан од Советот за реформи во правосудството во понеделник. Тоа е рамката по која Судскиот совет постапува и токму затоа, бидејќи прво разрешување од усвојувањето на овие документи минатата недела е ова што се случи вчера мислам дека беше ред и нормално да се поздрави и да се охрабри или да се даде поддршка на овој чекор на Судскиот совет бидејќи навистина покажува на дело воведување или враќање на стандардите во судството, што е секако процес што не се завршува за еден ден или преку ноќ, меѓутоа најавува добар почеток, заклучи Маричиќ