ШЕКЕРИНСКА: Косово и Србија го имаат „клучот“ на договорот во Белград и Приштина

Косово и Србија не треба да го бараат „клучот“ на конечниот договор во Вашингтон, Брисел или Берлин, туку во Белград и Приштина. Ова го изјави министерката за одбрана Радмила Шекеринска во ексклузивното интервју за весникот КОХА. Во интервјуто, таа зборува и за регионалната безбедност, обврските на Армијата од членството во НАТО и нејзините приоритети за модернизација на војската. Меѓу другото, Шекерниска ги повика припадниците на Армијата кои одат во мисии, доколку некој им побарал мито, да се охрабрат и да пријават.

-Било каква информација или доказ за таков притисок ќе се истражи до крај и ќе се реагира – вели министерката за одбрана, бидејќи тоа не е само кршење на законот туку кршење на заклетвата кон Армијата. Такво нешто, вели Шекеринска, нема да се толерира.

“Јас сум по природа оптимист и верувам дека дури и најсериозните проблеми може да се решат кога постои политичка волја. Сепак, во сите спорови, не само во нашиот регион, туку и во светот сè додека не заврши сè, никој не може да гарантира дали ќе има решение или не. Решението за сите проблеми не може да се најде ниту во Вашингтон, ниту во Брисел, ниту во Берлин. Политичката волја мора да ја најдеме дома. Доколку постои политичка волја во Белград и Приштина, ќе се најде решение. И дефинитивно, ова решение ќе биде инвестиција во регионалната стабилност. И сите го посакуваме тоа, да завршат проблемите, да не се создаваат сиви зони, дилеми и лоша атмосфера меѓу соседите. Имаме многу заеднички проблеми со кои секојдневно се соочуваме сите, ковид, економија, закани од глобален тероризам итн. Овие проблеми се веќе сериозни. Ако немате меѓусебно разбирање и доверба со соседите, овие проблеми стануваат уште потешки”, изјави меѓудругото Шекеринска во интервју за весникот КОХА.

Back to top button
Close