Штипските текстилни конфекции се соочуваат со намалени нарачки
Една конфекција во Штип е затворена, а неколку други почнаа со намалување на бројот на работници. Претставникот на штипските конфекционери во Асоцијацијата на текстилниот кластер, Кирил Нашков потврдува дека тоа што пред два месеца го прогнозирале како сценарио за оваа гранка веќе почнува и да се остварува.
-Сега се судруваме со намалените нарачки. Помошта од државата заврши и роковите завршија, кога фирмите до крајот на август мораа да ги држат вработените, бидејќи земале субвенции од државата. Сега доаѓаме до една лоша позиција, каде се нема поддршка и понатамошно држење на вработените, а од друга страна нарачките се намалуваат или тотално откажуваат и нема нови партнери или нема нови пазари. Слушаме дека фирмите веќе почнуваат да отпуштаат работници, вели Нашков.
Прашан колкав ќе биде процентот на намалување на бројот на работници во штипските конфекции, Нашков со одговор дека во моментов тешка е состојбата во овој сектор. -Во моментов е многу тешко и сите се трудиме да се снајдеме и да најдеме некакви алтернативи, но можно е од 20, 30, па можеби и 50 отсто, вели Нашков.
Спас и решение текстилниот сектор гледа во новите економски мерки, Нашков забележува дека ако има нови мерки ќе помогнат на фирмите, со намалениот обем на работа и како што вели ако има помош од државата верува оти голем број од работните места ќе се задржат.
-Нема многу простор текстилната индустрија да се прилагоди на пандемијата, на почетокот работевме медицински артикли кои се бараа, но тоа сега веќе го нема и не гледам друг начин на кој би се адаптирале на таа состојба, додаде Нашков.