Шукова: Тука сум за да понудам решенија за чисто, сообраќајно уредено, зелено и безбедно Скопје

Скопје може и мора да биде град за луѓето — чист, уреден, сообраќајно среден, зелен и безбеден. Ова го кажа потпретседателката на СДСМ, Каја Шукова на својата прва прес-конфренција, откако вчера попладне претседателот на партијата, Венко Филипче соопшти дека таа ќе биде нивниот кандидат за градоначалник на Скопје на престојните локални избори во октомври.

Од денешната прес-конференција на Каја Шукова / Фото: СДСМ

„Денес стојам пред вас со силно чувство на чест, но и со голема одговорност. Ви благодарам на сите кои изминатите денови ми дадовте доверба и поддршка да бидам кандидат за градоначалничка на градот во кој сум родена, порасната, каде го формирав своето семејство и кој го сакам со сето срце. Ви благодарам што верувате дека можам да го водам Скопје“, рече таа на почетокот на прес-конференцијата.

Таа во своето обраќање се осврна на три теми, од кои првата беше пораката дека се кандидира да биде градоначалник на сите скопјани, потоа зборуваш за состојбите во градот за време на актуелната администрација, а потоа по точки ја изложи својата визија за главниот град и кои ќе бидат нејзините приоритети.

„Независно дали сте поддржувачи на СДСМ, на ВМРО-ДПМНЕ, на некоја трета партија или на ниту една, за мене сите граѓани се еднакво важни. Јас тоа го покажав и со пристапот кон секој поединец во текот на мојата професионална кариера. Верувам дека политичките битки и поделби никогаш повеќе не смеат да бидат на штета на скопјани. Дека токму политичката алчност, бизнис и личните интереси на оваа власт, како и длабоката партизација на градот во изминатите четири години го донесе онаму каде што е денес, на своето историско дно во однос на развој, изглед и функционалност“, рече Шукова.

Во таа насока, кандидатката на СДСМ за градоначалник на Скопје порача дека ако ја добие поддршката на жителите на Скопје, ќе докаже дека Градот е над политиката.

Во однос на актуелната состојба, таа кажа дека изминатите четири години со ВМРО-ДПМНЕ граѓаните виделе што значи безредие, неодговорност и непочитување на граѓаните.

„Скопје никогаш помалку не им припаѓал на скопјани. Скопје е украден град, ставен во заложништво за сопствени интереси. Го уништија  за политички да се пресметуваат со сопствениот градоначалник. Денес, секоја улица сведочи за нивниот неуспех. И нема да дозволиме тоа да се повтори. Скопје ја преживеа својата трета катастрофа после палењето на градот од страна на Пиколомини и земјотресот од 1963 година“, рече Шукова.

Но, бидејќи сите знаат што се случува со градот, таа рече дека дека ќе зборува повеќе за тоа што го бараат скопјани во смисла на решенија и визија за подобри услови за живот во главниот град.

Таа рече дека е тука за да понуди решенија со кои Скопје ќе биде град за луѓето — чист, уреден, сообраќајно среден, зелен и безбеден.

Во таа насока таа ги наброја, како што кажа, нејзините определби од кои првата што ја наведе е чистење на Скопје од смет и создавање на функционални претпријатија кои ќе управуваат со отпадот.

Меѓу приоритетите таа ги наведе и правањето конкретен план за решавањето на аерозагадувањето и постигнување резултати за чист воздух и чиста животна средина, за што рече дека има многу знаење и искуство, како обнова на јавниот превоз.

„Да го запреме урбанистичкиот хаос и да ја вратиме контролата на граѓаните врз урбанизмот; да се посветиме на обнова и одржување на постојната инфраструктура на градот; да направиме реформи за целосна дигитализација и искоренување на корупцијата и влијанијата кои доаѓаат од оние кои Скопје го гледаат како бизнис интерес; да ја вратиме културата, животот и урбаниот дух на Скопје кој толку многу недостига во моментов; да ја вратиме безбедноста во градот, секој ден и секој чекор по скопските улици мора да биде безбеден и удобен за секој граѓанин“, рече Шукова.

На крајот таа порача дека Скопје не смее да чека и дека ниту таа да чека. Како што наведе веќе започнале со активности кои ќе покажат дека ова нема да бисе само кампања, туку заедничко враќање на Скопје на граѓаните.

„Ги повикувам да ни се приклучат најдобрите, најмотивираните луѓе кои искрено го сакаат градот. Скопје има врвни професионалци во сите области, токму тие ќе бидат столбот за враќање на сјајот на градот. Веќе се поставени основите на програмата за Скопје, но вашите совети и идеи, преку низа средби со граѓаните, но и стручната јавноста и поединци кои знаат и умеат да помогнат, само ќе допринесат истата да стане подобра и пореална. Време е скопјани конечно да видат еден различен пристап. Пристап кој не е обложен во шарена хартија, а шуплив внатре, туку соврешен и остварлив план за решавање на проблемите. Тоа може да го очекувате од мене“, порача подпретседателката на СДСМ и кандидат за градоначалник на град Скопје.

Извор: 360stepeni.mk

Back to top button
Close