Шумски пожари беснеат во американските држави Орегон и Вашингтон
– Неколку шумски пожари што беснеат во американската држава Орегон уништија стотици домови и доведоа до масовни евакуации, додека во државата Вашингтон огнената стихија зафати згради и големи површини на земјиште.
Неколку лица досега го загубија животот во пожарите, меѓу кои и едногодишно дете од државата Вашингтон.
Според властите, досега не е забележан толкав број на истовремени пожари и можно е да биде рекорден степенот на предизвиканата штета, како и бројот на човечки жртви.
Потпомогнати од високите температури на воздухот, ниската влажност и ветровите, пожарите во државата Вашингтон зафатија повеќе од 480.000 хектари шума и ниска вегетација.
Благодарение на студената и влажна клима, северозападниот дел на пацифичкиот брег на САД ретко се соочува со пожари со ваква големина и интензитет, но околностите се менуваат поради климатските промени.