Скопски газда на струшки хотел изградил кафеана-дивоградба, доби кривична пријава

ОВР Струга поднесе кривична пријава против К.Б.(58) од Скопје и правно лице – хотел од Струга, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „злоупотреба на службената положба и овластување“ и „бесправно градење“ и против Д.Г.(37) од Вевчани, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „узурпација на недвижности“.

„Пријавениот К.Б., како управител и одговорно лице во правното лице, иако знаел дека договорот за закуп и користење на плажа во близина на Струга, склучен помеѓу правното лице и Министерството за транспорт и врски бил изминат, по што требало земјиштето да го врати во сопственост и во владение на Република Северна Македонија, без одобрение за градење во текот на јуни 2020 изградил угостителски објект и без решение извршил реконструкција на постоечки објект. Тој, исто така, со пријавениот Д.Г. склучил договор за закуп на наведеното земјиште и објект за рок од 04.05.2020 до 04.05.2022 година“, велат од полицијата.

Во денешниот полициски билтен се информира и за уште една кривична пријава за скопјанец кој бесправно градел на струшкото крајбрежје.

„ОВР Струга поднесе кривична пријава против Р.Т.(62) од Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „бесправно градење“. Пријавениот, во својство на инвеститор на земјиште во негова сопственост, лоцирано источно од населба Езерски лозја во Струга, во март 2021 изградил објект и ограден ѕид на целата парцела, без одобрение за градба од надлежни институции“, велат од МВР.

Back to top button
Close