Славевски за РСЕ – Со повисоки камати да се скриши рбетот на инфлацијата

Оваа состојба на релативно ниски каматни стапки значи дека, штедачите плаќаат еден висок инфлациски данок. Ако имате заштедено 1000 денари, за една година губите 15 проценти од вредноста, тие 1000 денари после година дена ви вредат 850 денари вели професор Трајко Славески, кој е и претседател на Совет на Град Скопје.

Господине Славески, на две недели до почетокот на грејната сезона е нејасно дали скопјани ќе имаат парно и кого. Пред три месеци градоначалничката на Град Скопје одби да ја преземе таа улога, откако Регулаторна ја одзеде лиценцата на фирмата БЕГ, а ЕСМ се понуда да ја преземе. Зошто Градот го одби тоа?

Сведоци сме на една игра на наоѓање на виновници, она што се нарекува на англиски blame game. Мислам дека беше неоправдано тоа да се посочува прстот кон Град Скопје, токму заради фактот што претпријатието што го имаше основано Град Скопје во времето на претходниот градоначалник Шилегов – Градски енергетски системи, аплицирало, но не добило лиценца за работа, значи намера постоела, но ако немате лиценца за работа немате можност да развивате тимови, ресурси и слично. Дури ние тоа претпријатие го затекнавме во многу лоша состојба, пред распад, и мислам дека беше сосема оправдана одлуката Град Скопје нема ресурси, нема можности во такви околности да се зафати со една таква одговорна работа, како што е снабдување на градот Скопје со топлинска енергија.

Господине Славески, сега ве прашувам како економист и како поранешен министер за финансии. Инфлацијата во август достигна скоро 17 отсто, храната е поскапена 25 отсто во однос на истиот месец минатата година. Народната Банка во борба против инфлацијата ги зголеми основните каматни стапки на три отсто. Пред неколку дена изјавивте дека тоа не е доволно. Колку треба да бидат?

Има едно размислување дека каматната стапка доколку сакате да го скршите ‘рбетот на инфлацијата, да се борите против инфлацијата, треба да биде најмалку за еден процентен поен повисока од она што се нарекува базична инфлација, а базична инфлација се добивка кога во пресметка на индексот вкупен за стапката на инфлација се изостават овие берзански сцени на храната и енергијата на кои не можете да делувате. Според некои меѓународни проценки, од 17 проценти кај нас околу 13 проценти е базичната инфлација што значи тоа е резултат или се должи на домашни фактори. Значи не е на увезени фактори како што не убедуваа Владата, Централната банка и некои провладини експерти итн. Оттука мислам дека оваа состојба на релативно ниски каматни стапки значи дека, иако сега се зборува за воведување на нови даноци и зголемување на даночни стапки, што најверојатно нема да се случи од 1 јануари наредната година, штедачите плаќаат еден висок инфлациски данок. Еве пример, ако имате заштедено 1000 денари, за една година губите 15 проценти од вредноста, тие 1000 денари после година дена ви вредат 850 денари.

Со зголемување на каматните стапки ќе ги заштитите штедачите, но како тоа ќе влијае на бизнисот? Затоа што кога ќе им поскапат парите за позајмување тоа веројатно ќе ја стегне економијата.

Нема лесен одговор, некогаш треба да се плати цената, барем на краток рок, затоа што одржување на висока стапка на инфлација не му користи на бизнисот. Во услови на инфлација планирањето е речиси невозможно, па ако е тоа на некој начин проследено со енергетска криза, други неизвесности, висока цена на електричната енергија, така што мислам дека Централната банка треба да посвети повеќе внимание на онаа нејзина првенствена цел, значи првенствена цел на Централната банка е ценовна стабилност, и се разбира како секундарна цел ѝ е поддршка на економските политики кои водат до одржување на економската активност во земјата.

Сметате дека, да се изразам фигуративно, со „кревање на рачна“ повеќе ќе му се помогне на бизнисот?

Видете, на овој начин, со ваква монетарна политика којашто сериозно доцни, на некој начин се доаѓа во состојба на апресијација на вредноста на девизниот курс. Што сакам да кажам? Она што ние од 1997 година сè до неодамна успеавме да го одржуваме фиксниот девизен курс на денарот, нема тука мистерија се должеше на фактот што инфлацијата во Република Македонија беше скоро еднаква или во рамките на инфлација во земјите од еврозоната, нешто под два проценти. Сега имаме двојно повисока стапка на инфлација одошто од земјите од еврозоната. Па видете сега, млечните производи по килограм, месните преработки, достигнаа цени изразени во евра коишто се повисоки од тие на европските пазари, тоа треба длабоко да ја загрижи Централната банка и треба поголемо внимание да посвети во борбата против инфлацијата. Значи девизниот курс апресира, нашите стоки стануваат поскапи за странските заинтересирани купувачи, и тоа неминовно ќе влијае на проширување на јазот во платниот биланс, значи дефицит на платниот биланс, поголеми задолжувања, губење на девизни резерви итн. Моја проценка е, да имаше друг гувернер, еве да беше гувернер господинот Гошев, во моментов ќе имавме каматни стапки над 10 проценти од Централната банка, затоа што во една претходна криза во 2008-2009 година, во март 2009 каматната стапка на Централната банка достигна девет проценти.

Back to top button
Close