Сорио: До крајот на годината одлука за вакцината на АстраЗенека
– Извршниот директор на АстраЗенека, Паскал Сорио, денеска изјави дека до крајот на годината ќе се знае дали нивната експериментална вакцина ќе ги заштити луѓето од Ковид-19, доколку на британскиот производител на лекови му биде дозволено да продолжи со тестирање.
АстраЗенека ги суспендираше испитувањата на вакцината откако еден учесник во студијата, наводно, добил трансверзален миелитис.
Говорејќи за вакцината, која Светската здравствена организација ја смета за најперспективна во борбата против коронавирусот, Сорио рече дека тестирањето на вакцините многу често се прекинува, но разликата е во тоа што целиот свет сега следи што се случува.
Извршниот директор на АстраЗенека рече дека компанијата не знаела за дијагнозата на волонтерот во испитувањето и додаде дека не е јасно дали има трансверзален миелитис, како и дека треба да се направат дополнителни тестови.
Сорио рече дека дијагнозата ќе и биде предадена на независна безбедносна комисија, која потоа ќе и каже на компанијата дали тестирањата може да продолжат.
„Њујорк Тајмс“ вчера извести дека доброволец во британската група испитаници развил воспалителен синдром кој влијае на ‘рбетниот мозок и кој може да биде резултат на вирусна инфекција или жариште на автоимуна болест. Оваа болест вклучува целосен попречен пресек на ‘рбетниот мозок што спречува комуникација помеѓу мозокот и телото под нивото на воспаление. Симптомите се манифестираат само во дел од телото под линијата на воспаление и се поврзани со тешко движење и сензорни проблеми.
Времето на дијагностицирање, како и дали е поврзано со примената вакцина, сè уште не е познато. Независна истрага допрво ќе утврди дали болеста е последица на реакција на вакцината.
Би Би Си наведува дека ова е вторпат тестирањето на вакцината на Оксфорд да биде стопирано од април, кога започна тестирањето врз луѓе. Конечното одобрување за продолжување на тестирањето го издава надлежниот здравствен регулатор и оваа постапка трае неколку дена, но дотогаш сите понатамошни вакцинации во сите земји кои учествуваат во тестирањето се привремено прекинати.