Спасовски: Вреди да се отвори дебата за легализација на марихуаната

Вреди да се отвори дебата за легализација на марихуаната, вели министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски во гостување на ТВ24, откако премиерот Зоран Заев најави декриминализација и легализација на употребата на марихуана.

Тој рече засега нема конкретни анализи дали легализацијата би ја намалила стапката на криминал со нелегална трговија со дрога, но вели треба да се отвори широка дебата дали државата е подготвена за таков чекор.

„Немаме детални анализи дека ако се легализира ќе се намали нелегалната трговија. Треба да се направат анализи за тоа кои би биле ефектите, но криминалот ќе остане. Секогаш ќе има трговија со дрога и институциите мора да работат. На крајот на краиштата – луѓето секогаш повеќе посегнуваат по тоа што е забрането, но тоа не мора да биде за се правило. Затоа треба сериозна анализа, кои се придобивките кои се лошите страни и дали сме подготвени како општество за тоа“, рече Спасовки.

На прашање за кражбата на близу два тона марихуана од магацин во Јосифово, Спасовски рече дека повеќе од 300 килограми од дрогата е најдена во Арачиново, а за останатиот дел има индиции дека е надвор од државава.

„Зголемена е ефикасноста на полицијата. Од септември до денес имаме голема ефикасност, активираме неколку акции. Се случува трговија со марихуана, имаме заплена во Јосифово, во Крушево, последните 20 дена пресековме два меѓународни шверц канали. Од септември до денеска запленивме над 550 килограми марихуана, запленивме и 100 килограми хашиш, во Сингелиќ 4.5 килограми хероин, 1 килограм кокаин. Ќе продолжиме со оваа сериозна неселективна борба. Даваме податоци колку дрога е запленета, повеќе од 300 килограми од дрогата е најдена во Арачиново, но останатата дрога не е пронајдена, истрагата е во тек. Има индиции дрогата да е и надвор од државава. Имаме сериозни докази за дрогата од Јосифово, 6 кривични пријави има за тој настан. Во оваа држава мора да се стави до знаење дека секој мора да си одговара, нема врски ниту партиски ниту роднински“,вели Спасовски.

Коментирајќи ги критиките на ВМРО-ДПМНЕ Спасовски рече дека законот со кој се легализираше производство на канабис за медицински цели го донесе ВМРО-ДПМНЕ и првата лиценца била издадена кога тие биле на власт.

„Една работа е борбата против криминалот и тоа ќе биде вечна борба. Тоа е едната страна на оваа дебата, а легализацијата е дебата која треба да се води во рамки на општеството. Тие работи немаат врска една со друга. Јас ја разбирам опозицијата дека според нив треба да опонира секогаш на власта, но јас само ќе кажам дека процесот на издавање лиценци за марихуана почна во времето на ВМРО-ДПМНЕ и сега од една страна промовирате такви политики како Влада и во моментот кога ќе ги изгубите изборите застанувате против тие политики. Тоа е лицемерно“, вели Спасовски.

Back to top button
Close