Србија: Поради притисок од ЕУ, се замрзнуваат сите воени вежби и активности со сите партнери
Владата на Србија на денешната седница донесе одлука со која ги замрзнува сите воени вежби и активности со сите партнери, јави Б92.
– Република Србија е под страшен и незаслужен притисок од ЕУ. Притисоци кои немаат смисла и не се втемелени во нашите одлуки и во нашите постапки, па дури и во реалноста. Резултат се на хистерија што ги одредува политичките одлуки и насоките на големите моќни земји, изјави српскиот министер за одбрана Александар Вулин. .
– Од нас се бара да ги напуштиме планираните воени вежби со Белорусија по цена на напуштање на нашата европска иднина и по цена на уште поголем притисок врз нашата политика и врз нашиот народ во КиМ и Република Српска, додаде Вулин.
– Со одлука на Собранието на Србија, државата е воено неутрална земја и со цел да ја зачуваме таа позиција, и да ги избегнеме, или барем да ги намалиме последиците од засилените напади врз нашата земја, нашата политика и нашата економија, Владата на денешната седница одлучи во следните шест месеци да запре со сите воени вежби и сите активности со сите партнери, потенцираше српскиот министер за одбрана.
– Во наредниот период нема да учествуваме во какви било вежби или воени активности со НАТО, Организацијата Колективен безбедносен договор, Русија, САД, Кина, ЕУ, исток или запад, рече Вулин.
Белорусија соопшти дека засега не добила известување дека Србија нема да учествува во заедничката руско-белоруско-српска вежба Словенско братско 2020, која почнува в четврток.