Субвенции за скратена работна недела во Хрватска побарале 534 фирми
– Во Хрватска досега 534 компании со 24.192 вработени побараа субвенции за скратување на работната недела.
Државата ќе им исплати на сите до 2.000 куни (265 евра) по работник, а мерката ќе се применува до крајот на годината, пишува Вечерњи лист.
Претприемачите од особено загрозени дејности, со пад на приходот од повеќе од 60 проценти во споредба со минатата година, ќе можат да сметаат на 4.000 куни (530 евра) државна поддршка за платите на вработените до крајот на оваа година, согласно вчерашната одлука за продолжување на стимулациите.
Финансиска поддршка во полн износ од четири илјади куни првенствено се однесува на компании од областа на превоз на патници, угостителство, тур-оператори, претприемачи во секторот на рекреација, културни, деловни и спортски настани, како и на оние кои нема да можат да работат поради можни одлуки на Кризниот штаб за борба против пандемијата за забрана за работа.
Се проценува дека продолжувањето на поддршката ќе опфати приближно 70 илјади вработени, за што државата дополнително ќе обезбеди околу 800 милиони куни (околу 106 милиони евра).
Вкупно, мерките за поддршка за одржување на вработеноста во Хрватска, финансирани од државниот буџет, може да достигнат десет милијарди куни (околу 1,3 милијарди евра) оваа година, а владата уверува дека дел од средствата ќе бидат компензирани од разни европски извори. ссм/