Телефонски разговор Вархеји-Заев во среда

– Еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји задутре ќе оствари телефонски разговор со премиерот Зоран Заев, прв официјален разговор од формирањето на новата Влада, дознава дописничката на МИА од Брисел.

Информацијата ја потврдија од страна на Европската Комисија.

Повикот ќе биде прилика за двајцата да ја повторат заложбата за засилено реформско темпо кон Европската Унија, со цел одржување на првата меѓувладина конференција пред крајот на оваа година, како што посакува германското претседателство. Првата меѓувладина конференција го означува официјалното отворање на преговорите за членство.

Според нацрт-агендата на германското претседателството, преговорите со Северна Македонија треба да бидат на дневен ред на министрите на ЕУ на ноемврискиот Совет за општи работи, кога конечно би се донела одлуката за отворање на првиот кластер поглавја.

Во меѓувреме, дипломатите на земјите членки на ЕУ работат на експертско ниво на преговарачката рамка за Северна Македонија.

Европската Комисија оваа рамка ја изготви на почетокот на летото и им ја испрати на земјите членки каде треба да биде усвоена, со можни измени, зависно од позициите на секоја од земјите членки. За Северна Македонија е посебно важно да се задржи терминот „македонски јазик“ во оваа рамка, како што е веќе случај во нацрт верзијата.

Утре треба да се одржи прв работен состанок помеѓу експертските групи во Советот на ЕУ посветен на проширувањето, на кој ќе се разгледува нацрт рамката.

Северна Македонија е исто така во исчекување на редовниот извештај за реформскиот напредок, кој треба да биде објавен во првата половина на октомври.тм/лв/

Back to top button
Close