Трамп ги отфрли обвинувањата на гувернерот на Калифорнија за поттикнување граѓанска војна

Американскиот претседател Доналд Трамп ги отфрли обвинувањата на гувернерот на Калифорнија Гавин Њусом дека неговата администрација „сака граѓанска војна на улиците“, во услови на протести во Лос Анџелес против имиграциските рации на федералната агенција ICE.

На новинарско прашање за изјавата на Њусом, Трамп одговори: „Не, напротив. Јас не сакам граѓанска војна. Граѓанска војна би се случила ако луѓе како него одлучуваат за сè“.

Протестите избувнаа минатиот петок во Лос Анџелес, каде живеат големи мигрантски заедници, како реакција на федералните имиграциски рации наредени од администрацијата на Трамп. Вашингтон тврди дека „градови-упоришта“ како Лос Анџелес и државата Калифорнија го попречуваат работењето на федералните агенти. Како одговор на немирите, Трамп одобри распоредување на Националната гарда.

Гувернерот Њусом за телевизијата „Фокс 11“ изјави дека станува збор за „незаконски и неуставен акт“ со кој претседателот ја „федерализирал“ Националната гарда, загрозувајќи ги животите на граѓаните. Тој додаде дека разговарал со Трамп во последните денови, но дека претседателот не сакал сериозно да дискутира за настаните во Лос Анџелес и дека ниту еден локален функционер не побарал федерална помош.

„Тој ја влоши ситуацијата. Ова се сцени што ги создаде Доналд Трамп“, рече Њусом, истакнувајќи дека со Трамп „нема можност за преговори“. На тврдењето на Трамп дека лично му кажал оти ќе ја испрати Националната гарда ако Њусом не ја смири ситуацијата, гувернерот одговори дека претседателот е „ладнокрвен лажго“ и дека такво нешто никогаш не било кажано.

Back to top button
Close