Турција со критики за одлуката на Косово да отвори амбасада во Ерусалим

Турските власти изразија разочарување од одлуката на Косово да воспостави дипломатски односи со Израел и да отвори амбасада во Ерусалим.

Турција, која ги брани палестинските позиции, беше една од првите држави што ја призна независноста на Косово во 2008 година.

„Самата помисла дека косовски официјални лица преземаат таков чекор, што јасно го крши меѓународното право, е разочарувачка“, соопшти турското Министерство за надворешни работи. Тие ја  повикаа Приштина „да избегне каква било мерка што би го загрозила правниот статус на Ерусалим“.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во петокот рече дека Србија ќе стане првата европска земја што ќе ја премести својата амбасада од Тел Авив во Ерусалим, додавајќи дека Косово ќе воспостави дипломатски односи со Израел и ќе отвори амбасада во Ерусалим.

Back to top button
Close