Усна јавна расправа за нацрт-одлука за долгорочно домашно задолжување на општина Куманово

Општина Куманово денеска ja организираше јавната расправа во однос на долгорочното задолжување од еден милион евра, средства со кои се планира да се набави опрема за четири јавни претпријатија. Расправата траеше кусо, а присуствуваа и граѓани и невладини организации.

По презентацијата на проектот од страна на координаторот на проектот Маја Петровска, присутните не дискутираа.

– Станува збор за набавка на опрема за четири јавни претпријатија на износ од 63.754.712 денари, многу поволни услови на задолжување, каматна стапка од еден процент, со рок на отплата од 10 години и три години грејс период. Проект за подобрување на општински услуги во основа е наменет за проекти што се во насока на подобрување на квалитетот и услугите на јавните претпријатија. Очекуваме јавните претпријатија да ја подобрат нивната работа и истите да генерираат приходи, со оглед на фактот дека јавните претпријатија не се во солидна положба, очекуваме овој проект да придонесе за развој на градот. Откако, Советот ќе донесе одлука за задолжување ќе се достават потребните документи до Министерството за финансии и Светска банка, по што Министерството за финансии треба да даде согласност. Се надеваме дека до крајот на 2020 година ќе пристапиме до задолжувањето, изјави Петровска.

Со оглед дека никој немаше ништо против нацрт-одлуката за задолжување, повторно ќе се најде пред советниците во Советот на Општина Куманово кои ќе треба да гласаат за одлуката.

Во однос на јавната расправа, градоначалникот Максим Димитриевски рече дека е информиран за расправата, на која присуствувале околу 80-тина граѓани.

– Немало расправа иако очекував да има, но оставен е период дополнително граѓаните да поднесат свои мислења и видувања во писмена форма. Очекувам дека молкот значи поддршка на самиот проект. Се работи за општокорисен проект што ќе ги стави во повисока функција јавните претпријатија во градот се со единствена цел да даваат поквалитетна и подобра услуга на нашите граѓани, изјави Димитриевски.

Општина Куманово, претходно ги покани кумановци да учествуваат на расправата. Кумановските советници на последната седница, по жестока дебата наместо да гласаат за предлог – одлука за долгорочно домашно задолжување на Општина Куманово од милион евра за набавка на опрема, во рамки на вториот проект за подобрување на општинските услуги, изгласаа нацрт-одлука за која денеска требаа да расправаат граѓаните.

Back to top button
Close